Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска во Брисел изјави дека го поздравува конструктивниот пристап на Косово и Србија кон дијалогот со посредство на Европската унија и посочи дека тоа е „историска можност“ да се постигне траен мир.
Оваа изјава ја даде по средбата со претседателот на Албанија Бајрам Бегај во Брисел, кој исто така го поддржа дијалогот Косово-Србија за нормализација на односите.
„Соработуваме со ЕУ и ги поздравуваме состаноците во Брисел околу рамката на дијалогот. НАТО ќе продолжи силно да го поддржува дијалогот бидејќи го гледа како единствен вистински пат за мир и стабилност во Косово“, изјави шефот на НАТО.
Тој додаде дека сега има историски аргумент за траен мир и дека го поздравува конструктивниот пристап.
„Важно е двете страни да покажат флексибилност и волја за компромис. Секое решение мора да ги земе предвид човековите права, добрососедството и владеењето на правото“, вели Столтенберг.
Изјавите на Столтенберг доаѓаат откако Косово и Србија на 27 февруари го прифатија европскиот предлог за нормализација на односите при што продолжија да дискутираат за рамката околку спроведувањето на договорот.
Претседателот на Албанија Бајрам Бегај изјави дека „балканскиот регион се уште е загрозен од руска интервенција“ и дека членството на Косово во НАТО би било „додадена вредност за Алијансата“.
„ Русија го загрозува регионот и интересите на НАТО. Целта на Русија е да ги блокира демократските процеси во регионот. Со загриженост ги следиме настаните на северот на Косово. Го цениме ангажманот на НАТО во регионот. КФОР е гарант за мирот во Косово и во регионот“, рече Бегај.
Околу 50.000 сили на мировната мисија на НАТО на Косово, КФОР, беа распоредени на Косово по завршувањето на војната во 1999 година со цел да се гарантира безбедноста. Во моментов во земјата има близу 4.000 од нив, од кои значителен број доаѓаат од земји кои не се членки на НАТО.
На крајот на минатата година, Косово поднесе апликација за членство во ЕУ, бидејќи земјата исто така се стреми првично да стане дел од Алијансата Партнерство за мир, а на крајот да стане членка на НАТО