НАТО не бара војна ниту стратешка победа над непријателот, туку настојува да спречи напад и да ги одбрани населението и територијата, изјави врховниот командант на сојузничките сили на Алијансата во Европа, американскиот генерал Алексус Гринкевич. На Варшавскиот безбедносен форум тој порача дека НАТО е подготвен за брз одговор ако Русија ги нападне Полска или балтичките земји.
„НАТО е одбранбен сојуз. Немаме никакви планови, намери или амбиции, освен да го браниме нашето население и нашата територија. Ако некој е толку глупав да нè нападне, ќе се бориме. Гарантираме дека секој напад врз кој било сојузник ќе биде неуспешен“, изјави Гринкевич.
Генералот во полската престолнина за првпат јавно ја претстави доктрината за победа на НАТО. Таа опишува како Алијансата би одвратила Русија од евентуален пробен напад врз земја членка и би ја принудила да ги запре саботажите во европските држави, кои се дел од нејзината хибридна војна.
„Мислам дека луѓето кај нас се малку вознемирени. Сакаме да им покажеме дека веќе имаме планови и дека знаеме како да постапиме. Истовремено, сакаме да им покажеме и на другите дека знаеме како да одвратиме напад врз нашата територија“, рече тој. Додаде дека не смета оти војната е неизбежна, бидејќи постојат канали за комуникација и силни средства за одвраќање.
Според Гринкевич, доктрината се потпира на три клучни воени задачи во случај на агресија: блокирање, неутрализирање и разбивање на непријателските сили. Блокирањето треба да го запре првичниот напредок и заземањето територија. Неутрализирањето би ја оневозможило ефикасната команда и маневрите, а во завршната фаза НАТО би настапил со целосна огнена моќ на копно, море и во воздух, како и со сателитска технологија, за конечно да го разбие противникот.
„Веќе сме подготвени, а утре ќе бидеме уште поподготвени. Знаеме како да се бориме ако војната стигне до нас и знаеме како да победиме. Напаѓаме само оној што нè напаѓа и немаме потреба да ја ескалираме ситуацијата. Мора да му покажеме на непријателот дека ескалацијата од негова страна само ќе ја влоши неговата положба“, истакна генералот.
Гринкевич им порача на Европејците дека ситуацијата е под контрола. Во интервју за полскиот сервис ТВП Ворлд нагласи дека одвраќањето е клучно за успехот.
„Се надевам дека ќе ја забележиме заканата и ќе ја спречиме пред да почне да се остварува. Клучот е во демонстрирањето на нашата сила и единство за противникот да премине во одбрана уште пред да помисли да ја нападне Алијансата“, посочи тој.
