Руски борбен дрон „Шахед“ летал над Полска околу два и пол часа пред да се сруши, објави украинскиот портал „Милитари“ специјализиран за воени теми.
Според анализата на украинскиот надзор на воздушниот простор, дронот прво прелетал над украинските региони Житомир, Хмелницки, Тернопол и Лвов во ноќта од вторник кон среда, а потоа влегол во Полска.
Местото на падот е во селото Осини, оддалечено околу 200 километри од границата. Со оглед на просечната брзина на „Шахед“ од 120 до 150 километри на час, се проценува дека леталото поминало околу два часа во полскиот воздушен простор, имајќи предвид дека не се движи само во една насока.
„Милитари“ наведува дека дронот не бил откриен од полските системи за надзор додека траел летот. Сирените за воздушен напад во Украина биле активирани околу 1 часот по локално време, кога леталото најверојатно веќе го напуштило украинскиот воздушен простор. Дронот се урнал во Полска во 2:22 часот по локално време.