Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, не постојат околности во државава за да се случат предвремени парламентарни избори, дури и доколку Демократската унија за интеграции победи во клучните општини.
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е дециден дека не постојат околности во државава за да се случат предвремени парламентарни избори, дури и доколку Демократската унија за интеграции (ДУИ) победи во клучните општини. Вели дека ги слуша плановите на ДУИ и оти тие генерално се заокружуваат на две теми. Една дека ќе изгубат во градоначалничката трка во Чаир, Тетово и други општини и оти во тој случај би излегле на протести со членството обвинувајќи дека изборите им биле украдени и оти ќе прават немири со кои би издејствувале предвремени избори. И втората е дека ДУИ ќе победи на советничките листи, што би била уште една причина да се оди на избори.
Мицкоски: Па и ние во 2021 г. имавме и на советнички листи и на градоначалнички листи двојно, тројно повеќе од СДСМ, па три години бевме опозиција.
360°: Но, зборувавте дека власта го изгубила легитимитетот и дека треба да се оди на предвремени избори…
Мицкоски: Ама и тие нека си зборуваат. Никој не вика да не си зборуваат. Никој не ги спречува, демократска држава сме, секој може да си кажува свое мислење.
360°: Но, вие не сте го мислеле тоа кога сте го зборувале тогаш, во 2021 и 2022 г.?!
Мицкоски: Чекавме да дојдат избори. Не велевме ние дека ни ја украдоа победата. Тогаш си играа фудбалчиња, си купуваа трговски центри, си купуваа дуќанчиња, си купуваа акции во банки, па потоа ги препродаваа и така натаму.
На прашање зошто ВМРО-ДПМНЕ зборува за потребата од реформа и криминал кај ДУИ, а не и за, на пример, проблематичните легализации на десетици згради и стотици станови во Општина Чаир направени во времето кога градоначалници беа Изет Меџити и Висар Ганиу, Мицкоски одговара дека тоа се случувало во времето кога ДУИ имала мнозинство во советот и кога ДУИ била коалициски партнер. Вели дека не одрекува оти Изет Меџити одреден период бил градоначалник, но дека во земјава постојат институции што треба да го истражат тоа и дека предметот се наоѓа во обвинителството.
„Не сум рекол дека не ги гледам, да речеме, одредени отстапувања и девијантни однесувања во минатото и ги апстрахирам. Напротив, јас само сакам да потенцирам тоа што е факт. Што се случуваше на централно ниво и како се случуваше. Инаку, си има таму обвинители, судии, нека си истражат, ако утврдат одговорност, веднаш да си постапат. За сите, за секој. Ако има одговорност или основен сомнеж дека сум сторил нешто, веднаш, уште утре да постапат и за мене“, рече Мицкоски.