Македонија во последните две години бележи напредок во областа на социјалниот дијалог и повеќе не е на листата на Меѓународната организација на трудот за земји кои треба дополнително да ги образложуваат состојбите поврзани со синдикалните права и колективното преговарање, оцени универзитетскиот професор и советник на премиерот, Лазар Јовевски. Во емисијата „За или против“ на телевизија Алфа, тој посочи дека земјата истовремено се соочува со сериозен недостиг на работна сила, повеќе од 10.000 слободни работни места и одлив на кадар.
Говорејќи за Меѓународната конференција на трудот во Женева, Јовевски рече дека експертите на МОТ утврдиле оти Македонија во моментов нема суштински проблеми во примената на конвенциите за колективно преговарање и синдикално организирање. „Комитетот на експерти констатираше дека во Македонија нема потреба од таква дебата или дополнително објаснување, бидејќи нема нарушување на конвенциите на МОТ во делот на колективното преговарање и синдикалното организирање“, изјави Јовевски.
Тој оцени дека е направен исчекор во функционирањето на Економско-социјалниот совет и во склучувањето колективни договори во јавниот сектор, што, според него, придонело за подобрување на социјалниот дијалог. Јовевски посочи и дека Македонија добила покана да биде членка на Економско-социјалниот совет на Обединетите нации за периодот 2027-2029 година, што го оцени како значајно меѓународно признание.
Во однос на пазарот на трудот, Јовевски нагласи дека земјата се соочува со пресврт во споредба со периодот кога имала една од највисоките стапки на невработеност во Европа. Според него, сега веќе има сериозен недостиг на работна сила, особено во градежништвото, информатичката технологија, угостителството и туризмот, услужните дејности и здравството.
„Ако пред неколку години имавме недвосмислено вишок на работна сила, веќе од минатата година и оваа година сериозно имаме недостаток на работна сила. Тоа е процес што бара нови политики и поголема флексибилност од сите чинители“, рече Јовевски, додавајќи дека суштинското прашање е како платите континуирано да растат кај сите категории работници.
Тој го посочи и проблемот со сивата економија, која, според проценките на Светска банка и ММФ, надминува 30 проценти. Јовевски рече дека голем број лица се во таканаречената сива зона, односно формално се водат како невработени, но работат во неформалната економија, поради што реалната стапка на невработеност е значително пониска.
Осврнувајќи се на иселувањето, Јовевски нагласи дека отворањето работни места не е доволно за враќање на луѓето од странство. Според него, високообразованите кадри и докторите, покрај работно место и соодветна плата, бараат и подобар квалитет на живот, владеење на правото, подобра општествена атмосфера и чувство на сигурност.
Во делот на платите, тој оцени дека фокусот не треба да биде само на минималната плата, туку на растот на платите во целата хиерархија на работни места. Во јавниот сектор, според него, веќе е воспоставен механизам за каскаден раст преку коефициентите на сложеност, додека во приватниот сектор се забележува природен раст на платите поради недостигот на работна сила. „Во 2025 година бројот на компании со просечна плата од околу 1.000 евра е зголемен за 23,5 проценти во споредба со 2024 година“, рече Јовевски.
Тој предупреди дека вештачката интелигенција ќе донесе значајни промени на пазарот на трудот и дека повеќе работни места ќе се губат отколку што ќе се создаваат нови. Затоа, како што рече, дигиталната трансформација мора да биде човекоцентрична и насочена кон олеснување на работата, а не кон потиснување на човекот.
Јовевски најави дека во наредниот период се очекуваат нови законски решенија во областа на работните односи, безбедноста и здравјето при работа, мирното решавање на работните спорови и заштитата од психолошко и сексуално вознемирување на работното место, како дел од пошироките реформи во трудовата сфера.
