Болница во американскиот град Бостон одбива да му пресади срце на пациент зашто не е вакциниран против коронавирус. На 31-годишниот Ди Џеј Фергусон му е неопходно ново срце, но болницата го тргнала од својата листа, вели неговиот татко Дејвид.

-Ковид вакцината е спротивна на неговите основни принципи и не верува во неа. Тој е преслаб за да го префрлиме во друга болница и времето ни истекува, изјави тој.

Од болницата кажаа дека ја следат својата стриктна политика.

-Имајќи предвид дека постои недостиг на органи, чиниме сè за да обезбедиме пациент кој ќе добие пресаден орган да има најдобри шанси за преживување. Во нашата болница бараме кандидатите за трансплантација да бидат вакцинирани против ковид-19 за да се создадат најдобри услови за успешна операција и да се оптимизираат шансите за нивно преживување, имајќи предвид дека нивниот имунитет е значително нарушен, изјави портпаролот на болницата.

Фергусон, кој чека трето дете, е хоспитализиран од 26 ноември 2021 и страда од наследен срцев проблем кој предизвикува белите дробови да се полнат со крв и течност. Тој наводно стравувал дека вакцината може да предизвика срцево воспаление, што е наведено како крајно редок спореден ефект на вакцините.

Според Артур Каплан од медицинското училиште „Гросман“ во Њујорк, по секое пресадување органи, имунолошкиот систем на пациентот е толку ослабнат што и обична настинка може да биде смртоносна.