Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека уставните измени нема да бидат реализирани во формата во која моментално се бараат, но остави отворена можност за разговори со цел да се најде решение што, како што рече, ќе биде одржливо и ќе ја донесе земјата до крајната цел – членство во Европската Унија.
Во гостувањето во поткастот „Риштази“ со Назим Рашиди, Мицкоски посочи дека е подготвен да разговара со сите страни, без ограничување на рокови, доколку тоа води кон решение кое ќе биде прифатливо и трајно.
„Да разговараме. Јас сум подготвен да разговарам со секого секаде. Јас не сум секундант за да ви кажам до кога. Додека е потребно за да се најде решение коешто ќе биде одржливо и коешто ќе нè однесе до крајната цел. А во меѓувреме ќе испорачуваме со реформската агенда, ќе правиме подобро општество, подобри услови за живот и така“, рече Мицкоски.
Премиерот нагласи дека прашањата поврзани со евроинтегративниот процес треба да се разгледуваат врз основа на принципи кои, според него, мора да важат подеднакво за сите страни.
„Мора работите да ги гледате принципиелно. Со принципите нема играње. Вие рековте тоа што договорила македонската Влада со Брисел, но еве јас нема да навлегувам која Влада договорила и нема да навлегувам кој бил нашиот став тогаш и како сето тоа беше договорено. Нема да навлегувам, јавноста го знае, го слушнала итн. И ние сме свесни што договорила таа некоја претходна Влада“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека, според него, истовремено треба да се почитуваат и обврските што ги презеле други држави, посочувајќи го примерот со Бугарија и прашањето за правата на македонската заедница таму.
„Но исто така во Бугарија некоја претходна Влада договорила нешто коешто се вика почитување на човекови права. Сега од нас се бара по принципот, ние сме внатре вие сте надвор и вие сакате да дојдете внатре, да прифатиме тоа што е договорено, а од друга страна тоа што го прифатила некоја бугарска влада, во случајов почитување на човекови права, јасно е дека имаме дузина пресуди од Стразбур, од Судот за човекови права за македонската заедница во Бугарија, да се почитуваат нејзините човекови права, да се дозволи регистрирање на клубови на организации итн., тоа да не се почитува, а ние да го почитуваме“, рече премиерот.
Мицкоски оцени дека таквиот пристап претставува „булинг“ и политика на двојни стандарди, додавајќи дека тоа, според него, не е во согласност со европските вредности.
„Тоа се вика булинг и тоа нема никаква врска со Копенхашките критериуми, ниту пак со вредностите на ЕУ дефинирани од Шуман, Дегаспери и Аденауер. Тоа е, ние сме внатре, вие сте надвор и ако сакате да бидете внатре вие тоа ќе го прифатите или нема да бидете внатре. Тоа е булинг и тоа е непринципиелна политика. Тоа е политика на двојни стандарди. Простете но јас не сум љубител на таков тип на политика“, нагласи тој.
Премиерот повтори дека принципите не можат да се применуваат селективно, туку мора да важат еднакво за сите.
„Затоа и на самиот почеток кажав дека тоа што важи за мене ќе важи и за вас и обратно, тоа што важи за вас ќе важи и за мене. Ова не е шведска маса, па ова ми одговара, тоа не ми одговара, ова ќе си го земам, тоа ќе го оставам. Не, ова се принципи. Колку си играте со принципите, толку тежите како човек. Ако правите компромис со принципите тогаш кога вас ви одговара, тогаш губите на специфичната тежина како човек“, рече Мицкоски.
Тој истакна дека стратешка цел на Владата е полноправно членство во ЕУ, а не само започнување на процесот или привремени решенија кои, како што кажа, претходно не довеле до напредок.
„Токму тоа е целта на оваа Влада, да биде дел од ЕУ, а не само да го почне процесот кон станување член. Кога ние ќе знаеме и кога ќе имаме на маса решение коешто ќе нè однесе да бидеме дел од ЕУ тогаш ние сме подготвени да разговараме“, посочи премиерот.
Мицкоски потсети на претходните ветувања поврзани со евроинтеграциите, наведувајќи дека по промената на уставното име, како и по други отстапки, земјата сè уште се наоѓа на истата позиција во процесот.
„Ние не сме подготвени да разговараме за инстант времени решенија коишто го отпочнуваме овој процес бидејќи ние сме го заслужиле тоа уште пред 25 години. И ние сме го заслужиле тој процес да го отпочнеме многу одамна“, рече тој.
Премиерот додаде дека претходно биле дадени уверувања дека со одредени чекори Македонија брзо ќе напредува кон членство во ЕУ, но според него тие очекувања не се оствариле.
„Јас сум сведок кога ми велеа само да го смените името и веднаш потоа станувате дел од НАТО, ги почнувате преговорите и бидејќи сте најдобри во клубот за 4-5 години станувате членка на ЕУ. Тие 4-5 години поминаа пред 3 години, а ние сме уште на истото место кај што бевме пред да го смениме уставното име“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека во изминатиот период биле направени повеќе промени и отстапки, меѓу кои, како што наведе, промена на името, знамето, банкнотите и повеќе измени на Уставот.
„И секогаш беше онаа иста реторика, прозорецот е отворен, сега е моментумот, само уште ова направете го и завршено е. Како што гледате искуството не учи на потешкиот пат. Јас само се обидувам како прв човек во Владата да ги гледам работите малку појасно“, нагласи Мицкоски.
