Опозициската партија нема никаква идеолошка платформа, а единствената цел што може да се забележи кај неа е самото освојување на власта. Ова го истакна безбедносниот аналитичар Владо Јовановски за време на своето гостување во емисијата „Наткаст“ со Љупчо Цветановски.
Тој потенцира дека желбата за доаѓање на власт сама по себе не претставува политичка идеологија, туку обичен стремеж кој мора да се соочи со реалните околности на теренот.
„Таа желба мора да биде реална, мора да се проценат реалностите и врз основа на тоа да се одредат начините како да се дојде до власта. Како вие целите да ги придобиете луѓето, гласачите без да поседувате некаква идеологија, значи во името носат социјал-демократи, а партијата ја водат ултрабогаташи. Богаташи кои можат да се носат со богаташи од Франција, од Германија, од најбогатите земји во светот“, вели Јовановски.
Аналитичарот оцени дека ваквата поставеност на партиското раководство уште од самиот почеток претставува лицемерие кон граѓаните и гласачкото тело.
„Тоа во самиот старт е лицемерно. Во сите досегашни програми кога и да биле на власт не спровеле ништо што е во некаков интерес на поширок слој на граѓани. Се што спроведувале било во нивни интерес, би рекол личен интерес, од прилика тоа ми доаѓа како некое здрушение за освојување на власта и потоа приграбување на се што власта може да пружи, во смисла криминал, корупција збогатување…“, заклучува Јовановски.
