Македонската кошаркарска репрезентација утре во 18 часот во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје ќе ја пречека селекцијата на Кипар. Средбата е во рамките на вториот натпревар од втората рунда претквалификации за Европското првенство во 2029 година.

Избраниците на Жозеп Марија Берокал ќе се обидат да стигнат до нов триумф и да направат значаен чекор кон следната квалификациска фаза. Селекторот Берокал предупредува дека нема простор за опуштање и од своите кошаркари бара максимална концентрација, дисциплина и сериозен пристап.

„Ништо не е завршено во оваа фаза од претквалификациите. Секоја победа нè приближува до целта, па затоа сме целосно фокусирани на тренинзите и подготовката за следниот натпревар. Работиме на деталите, ги анализираме опциите и ги следиме играчите со ситни повреди“, вели Берокал.

„Кога ќе се приклучат Димитријевиќ и Мозес, подготовката ќе биде полесна и ќе можеме да работиме како комплетен тим. Мораме да бидеме паметни и секој да го даде максимумот, бидејќи натпреварот со Кипар е многу важен. Тоа е можност да се приближиме до следната рунда и затоа мора да одиграме сериозно“, нагласи Берокал.

„Мора да се адаптирам како тренер на сите играчи и да работам со оние кои ми се на располагање. Тоа е ситуацијата во моментов и мора да се приспособиме. Јас ја работам мојата работа и давам сè од себе за да стигнеме до резултат“, рече селекторот.

„Можам да ветам максимална професионалност од сите во националниот тим, почнувајќи од мене“, додаде Берокал.

„Кипар е добар тим, има шутери и кошаркари кои можат да играат на различни позиции и да се ротираат. Имаат квалитет во тактичкиот дел и поинаков поглед на играта. Сè уште не го знаеме нивниот конечен состав, бидејќи во ФИБА-прозорците често има промени. Она што го барам од мојот тим е максимална сериозност и дисциплина“, заклучи Берокал.