Актуелниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, одби отворено да застане зад израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на претстојните избори. Во интервју за магазинот ТIME, американскиот лидер избегна да даде децидна поддршка на својот долгогодишен сојузник.
На директното прашање дали Нетанјаху треба да освои нов мандат, Трамп не понуди конкретен одговор и го пренасочи фокусот кон сопствената позиција и заштитата на Израел.
„Сè што можам да кажам е дека повеќе не сум во политиката, освен што сме популарни…“, вели Доналд Трамп.
Откако новинарите повторно побараа став за иднината на Нетанјаху, претседателот повторно се воздржа од јасна поддршка и посочи на рејтингот што го ужива во израелското општество.
„Не, најважно за мене е да помогнам во одбраната на Израел“, вели Доналд Трамп.
Трамп се осврна на сопствениот углед кај израелските граѓани, тврдејќи дека неговата популарност во земјата изнесува околу 99 проценти благодарение на потезите што ги повлекол за време на мандатот.
Запрашан за евентуална соработка на Вашингтон со опозицискиот кандидат и поранешен началник на Генералштабот Гади Ајзенкот, Трамп истакна дека не слушнал ништо лошо за него, но порача дека актуелниот премиер не треба предвреме да се потцени.
„Луѓето го отпишаа Биби многу, многу пати, исто како што ме отпишаа мене многу пати. Не би го потценил Биби“, вели Доналд Трамп.
Релациите меѓу Трамп и Нетанјаху наводно бележат заладување во последните месеци како последица на војната во Иран и продолжувањето на израелските воени дејствија во Либан и Појасот Газа.
