Вкупните одливи на средства од „АЛТА банка“ АД Битола кон Србија по 26 октомври изнесуваат околу 180.000 евра, додека приливите од Србија во земјава во истиот период изнесуваат околу 16.000 евра. Станува збор за редовни комерцијални трансакции на клиентите на Банката поврзани со нивното работење, меѓу кои и плаќања за увоз на стоки. Во системот не се евидентирани милионски трансфери, ниту постојат податоци што би ги потврдиле тврдењата за такви одливи и перење пари. Ова го истакна гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во гостувањето во емисијата „Топ тема“, осврнувајќи се на обвинувањата во јавноста за наводни сомнителни одливи на средства од оваа финансиска институција.
„Вкупните одливи кон клиенти во Србија изнесуваат 180.000 евра. Повторувам, станува збор за редовни плаќања преку „АЛТА банка“ Битола кон Србија. Ги проверивме трансакциите и станува збор за плаќања поврзани со редовното работење на клиентите на Банката, меѓу кои и мали бизниси во земјава коишто увезуваат стока. Од друга страна, приливите од Србија во земјава во истиот период изнесуваат само 16.000 евра. Значи, нема милионски трансфери, нема такви одливи, ниту податоци за перење пари“, истакна гувернерот Славески.
Тој појасни дека овие официјални податоци се однесуваат конкретно на периодот по 26 октомври, односно по завршувањето на изборите во Србија, при што Народната банка детално ги проверила сите поединечни трансакции што се однесуваат на плаќањата кон и од соседството.
Народната банка продолжува внимателно да ја следи состојбата во „АЛТА банка“ АД Битола и да ги презема сите активности во рамките на своите законски надлежности, со крајна цел целосна заштита на средствата на клиентите и депонентите, како и зачувување на стабилноста на Банката и на севкупниот домашен банкарски систем.
