Извршниот директор на Евролигата, Ќус Буено, во опширно интервју за Eurohoops зборуваше за процесот на доделување на новите франшизи во најелитното европско клупско кошаркарско натпреварување. Тој отворено објасни дека сите 15 кандидати не можат истовремено да обезбедат трајни лиценци.

Во рамките на разговорот, Буено се осврна и на клубовите што доаѓаат од држава во која дојде до политички промени. Иако директно не ги именуваше белградските вечни ривали, јасно алудираше на Партизан и Црвена Звезда. Овие два српски клуба во овој момент нема да добијат долгорочен статус на франшиза, туку ќе потпишат нови тригодишни договори со Евролигата што ќе ги задржат во елитата до 2030 година.

„Сакам да кажам дека спроведовме детална анализа. Знаеме кои клубови денес имаат потенцијал да се натпреваруваат на највисоко ниво, како во спортска и финансиска смисла, така и кога станува збор за салите и другите организациски услови. Тие се способни да исполнат голем број барања“, рече Буено за Eurohoops.

Според неофицијалните информации што протекоа во јавноста, клубовите Валенсија, Париз, Дубаи, Максима Рома, Хапоел Тел Авив и ПАОК се главни фаворити наскоро да добијат официјален статус на франшиза.

„Има клубови кои денес не се подготвени бидејќи има промена на власта, поради што повеќе не можат да сметаат на државни субвенции. Досега тие работеа благодарение на државни пари, што создава многу неизвесна ситуација. Исто така, се поставува прашањето кој може да ја плати таксата за пристап. Но, тие клубови се важни за нас“, дополни првиот човек на европската кошарка.

Буено нагласи дека раководството на лигата мора да најде начин да им помогне на српските претставници да го пребродат овој транзициски период. Тој порача дека клубовите треба да почекаат поволен момент за влез во франшизниот систем, уверувајќи дека Евролигата ќе им даде поддршка и оти разговорите за трајна лиценца ќе продолжат веднаш штом ќе ги исполнат сите предуслови.