Инцидент се случи во пресрет на финалето на натпреварот за Мис Универзум, кое според официјалната програма е закажано за 24 ноември. Непријатната ситуација привлече големо внимание во јавноста откако се појавија снимки од дефилето на натпреварувачките.
Настанот наречен „Убавина на плажа“ се одржа на 13 ноември во просториите на хотелот „Карибе Хилтон“ во Сан Хуан, Порторико. За потребите на настанот, девојките одеа по писта која всушност претставуваше обична подлога поставена директно врз песокот. Кај голем број учеснички високите потпетици пропаѓаа и се заглавуваа во меката површина, што доведе до губење на рамнотежата и сопнување.
Меѓу кандидатките кои се сопнаа и за малку ќе паднеа беа претставничките на Косово, Филипините, Перу и Венецуела. Дел од натпреварувачките изгледаа како да ги извиткале зглобовите, додека други за малку ќе паднеа директно со лицето кон тлото. Сепак, сите покажаа присебност, брзо се исправија и продолжија со своето движење. Снимката веднаш се прошири на социјалните мрежи, каде што следеа остри критики за организацијата и опасните услови на патеката.
„Ова е опасно за кандидатките, можеа да си ја скршат ногата. Ужас“, напиша еден корисник на социјалната мрежа Икс.
„Кутри девојки, еден погрешен чекор и можеа да си го извиткаат глуждот“, истакна друг корисник во коментарите.
„Кутрите, ова изгледа болно. Можеа да си ги исечат стапалата одејќи по тепих преку песок. Ужасна идеја, особено со толку високи потпетици“, гласеше реакцијата на трет корисник.
По реакциите во јавноста, организацијата „Мис Универзум“ излезе со официјално соопштение во кое констатираше дека настанот не ги исполнил потребните стандарди за извонредност и професионализам. Во соопштението се наведува дека конкретниот сегмент бил независно продуциран од страна на Магали Феблес, национален директор на изборот за Мис Доминиканска Република, која за таа цел поседувала посебна лиценца.
Како што пренесува магазинот „Хола!“, централната организација објасни дека немала оперативна улога во управувањето со овој настан и дека не сноси одговорност за продукциските пропусти што го предизвикаа проблемот. Од организацијата изразија жалење за настанатите непријатности и додадоа дека ваквата реализација не ги одразува вредностите на брендот Мис Универзум.
По повод критиките, Магали Феблес објави соопштение на својот Фејсбук профил во кое упати јавно извинување, истовремено пофалувајќи го достоинството на девојките.
„Жал ми е што мораше да поминете низ такво искуство. Мојот продуцентски тим и јас ќе анализираме што се случи за да се осигураме дека секој детаљ ќе биде згрижен во иднина“, порача Феблес.
„Знам колку труд вложивте во секое појавување на писта. Ја видов елеганцијата и смиреноста со кои се соземавте. Како жена која придружувала многу девојки на ова патување, сум исклучително горда на вас“, истакна таа во пораката.
Проблемите со нестабилната писта не се единствениот предизвик со кој се соочува изборот. Според магазинот „Пипл“, неколку натпреварувачки беа принудени да се повлечат од годинешното натпреварување поради рестрикциите со американските визи. Меѓу нив се претставничката на Замбија, Мубанга Памела Хатјока, претставничките на Јужен Судан и Република Конго, Амилија Денг и Џорџина Камбонго, како и претставничката на Ангола, Вандерлеја Родригес.
