Карл Башби поминал низ 29 земји без превоз и конечно стапна на британско тло. Но, неговата необична мисија завршува дури кога пеш ќе стигне до родниот Хал – му остануваат уште околу 400 километри.

Британскиот авантурист Карл Башби (57) повторно стапна на британско тло 28 години откако тргна на пат околу светот, но неговата неверојатна мисија сè уште не е завршена. Иако е во својата земја, не смее едноставно да замине дома – според правилата што самиот си ги поставил, до Хал мора да стигне без превоз.

Поранешниот британски падобранец досега поминал повеќе од 50.000 километри низ 29 земји, движејќи се пеш, а кога копното ќе исчезнело – и пливајќи.

Последната голема природна пречка бил Ламанш.

Башби сакал да помине пеш низ сервисниот тунел под каналот, но операторот на Евротунелот не му дозволил поради безбедносни и оперативни причини. Затоа му останала многу потешка опција – да плива од Франција до Англија.

Поминал 3 дена на море и околу 20 часа во вода, со паузи за одмор, пред во понеделникот да излезе на плажата Шекспир, јужно од Довер.

„Убаво е повторно да се почувствува британското тло под нозете по сите овие години“ – рече Башби.

На брегот го чекале семејството и пријателите, но и познатиот режисер Вернер Херцог, кој го снима неговото патување за документарен филм.

Башби тргнал од Пунта Аренас во Чиле на 1 ноември 1998 година со навидум едноставна цел – да стигне дома во Хал.

Си поставил 2 правила: да не користи превоз за да напредува по маршрутата и да не се врати дома додека самиот не стигне таму.

Токму второто правило сега создава необичен пресврт. Башби веќе се врати во Британија, но до неговата мајка и до конечната цел го делат уште околу 400 километри пешачење.

Патувањето, познато како „Експедиција Голијат“, го однело низ некои од најопасните и најнепристапните места на планетата.

Го минал озлогласениот Дариенски Премин меѓу Колумбија и Панама, а во 2006 година го преминал замрзнатиот Берингов Теснец меѓу Алјаска и Русија.

Тоа преминување му донело и нови проблеми. Руските власти го привеле по влегувањето во земјата, а подоцна проблемите со визите со години го забавувале неговото продолжување низ Русија.

Патувањето дополнително го закочиле финансиската криза од 2008 година и пандемијата на ковид-19.

Еден од најневеројатните делови од маршрутата бил и Каспиското Море. Башби препливал околу 296 километри за да ја продолжи непрекинатата линија кон Европа.

По речиси 3 децении, сега пред него останува далеку пообична пречка – патот од Довер до Хал.

Дури кога ќе стигне таму пеш, Башби ќе може да каже дека неговото патување навистина завршило.

Извор: Плусинфо