Водечкиот британски спортски новинар Дејвид Орнштајн за првпат проговори за потенцијалната казна што го очекува Манчестер Сити, откако клубот беше прогласен за виновен по 114 точки од обвинението.

Орнштајн изјави дека не гледа начин како Манчестер Сити би можел да остане во лигата по овие откритија. Исклучувањето на најдоминантната сила во англискиот фудбал во текот на последната деценија – па и подолго – станува сè поверојатно и се чини дека е само прашање на време.

„Не гледам како Манчестер Сити би можел да продолжи да се натпреварува во Премиер лигата. Логиката сугерира дека независната комисија би можела да изрече исклучително строги санкции, иако ова засега останува во доменот на шпекулациите“, вели Орнштајн и додава:

„Санкциите би можеле да вклучуваат огромни парични казни и исплати на отштета кон клубови и играчи кои останале без титули и бонуси, како и обврски за поддршка на фудбалскиот екосистем, забрани за трансфери и мерки против раководителите и членовите на управниот одбор – па можеби дури и против сопствениците на клубот“, предвиде Орнштајн, новинар кој има исклучителен увид во случувањата и состојбите во Премиер лигата.

За потсетување, првичната одлука го прогласи Сити за виновен по 114 точки за сериозни прекршувања на правилата на Премиер лигата, вклучувајќи недозволени исплати кон менаџери и играчи, фиктивни договори и незаконско „впумпавање“ пари во клубот.

Сити го искористи своето право на жалба и тврди дека сè во клубот било работено во согласност со правилата; рокот за поднесување жалба изнесува 12 недели. Потоа, конечната одлука – онаа што би можела да ја промени судбината на најмоќната лига во светот – ќе биде донесена најдоцна во рок од еден месец.