Тој вели дека реинфекцијата е многу редок случај и во светски рамки се регистрирани само десетина случаи, што прави практично невозможно Македонија да има толку поголем број.

– Невозможно е да имаме 115 случаи на реинфекција, кога во светот се детектирани од 10 до 15 такви случаи. Теоретски реинфекцијата е можна, но тоа е толку многу редок настан што нема шанси во Македонија да има толку случаи на реинфицирани. Тоа би значело дека од околу 100 илјади заразени, околу 10 отсто имаме реинфицирани и дека никогаш нема да излеземе од кругот на пандемијата, а тоа не е случај, рече Петличковски.

Тој вели дека веројатно во споделените податоци од Институтот за јавно здравје станува збор за поинакво толкување на позитивните ПЦР тестови.

– Претпоставувам дека станува збор за поинакво толкување на тие позитивни ПЦР тестови. Во тие не се исклучува можноста дека можеби првиот тест не бил веродостоен. Но, можно е во тие три до четири месеци кои поминале од прв до втор тест човекот никогаш да не се негативизирал. Но, за да потврдиме дека некој човек се реинфицирал мораме да имаме податоци за варијантата на вирусот првиот пат кога го инфицирала, да имаме јасни податоците дека во меѓувреме тој е излекуван и податоци за новата варијанта. Тоа се многу тешки студии за кои ние не сме спремни да ги направиме, вели Петличковски.

Тој вели дека позитивниот ПЦР тест не мора да значи дека лицето ќе ја развие болеста.