Потпретседателот на ракометниот клуб Еурофарм Пелистер, Бојан Стерјев, со остри критики на социјалните мрежи реагираше по исходот на дерби дуелот. Битолскиот состав претрпе пораз од тимот на Алкалоид со конечен резултат 30-28 во натпреварот од 11. коло во македонската Суперлига.
Стерјев упати директни и отворени критики адресирани до ракометарите на теренот и целиот тренерски штаб по завршувањето на средбата во Скопје.
„Се обезбедено, за вака да ни вратите! Срам да ви е на сите играчи и тренери! Фала што нè избрукавте!“, напиша Стерјев.
Поразот во салата во Автокоманда предизвика длабоко незадоволство во раководните структури на пелистерци. По одигрувањето на 11 првенствени кола, екипата падна на четвртата позиција на табелата со освоени 17 бодови.
