Зачленувањето на ништо помалку примитивните Бугарија, Романија и Хрватска е огромна грешка која ја направи унијата. Грешка која реално не смее да се повтори. Дури, ако се паметни во ЕУ треба да почнат дезинтеграција на овие земји. Знам дека многумина во државава напишаново нема да го разберат, дека ќе ме презираат како одрод и мразач на сопствената држава. Не, јас ниту ја мразам Македонија, ниту ги мразам граѓаните. Едноставно реален сум за животот кој го живеам овде и донкихотски се трудам да покажам каде грешиме. Никој не е должен нас да не издржува, да не тинтари, пишува Златев.

Ние едноставно не заслужуваме да бидеме дел од европското семејство. Погледнете
околу себе, погледнете во себе и ќе сфатите зошто. Не сме способни како држава пасоши, лични карти, возачки и свидетелства да испринтаме а вие се секирате за некаква Европска Унија? Ма дај? Погледнете кои ви се власт, погледнете кои ви се интелектуалци и јавни личности и кажете ми дека тоа е било каков стандард за било што во Европа? Со ова што ние го произведуваме како интелект и општествен стандард, пониску сме од држави како Молдавија, Казахстан и Грузија а вие мене ми зборувате дека ќе сме влегле во некаква Европска Унија?
Кој наш продукт ние ќе го понудиме на европските рафтови? Што е тоа што е подобро од она кое веќе го имаат? Со која иновација ќе бидеме ние конкурентни? Што ќе извезуваме? Која е додадената вредност која тие ќе ја имаат од нас? Ништо! Буквално ништо! Па зошто да не приберат во ЕУ? За да издржуваат џаболебари?
Доколку ние бевме системски средена држава, доколку имавме поредок и правда, доколку имавме население со висока културна свест и образование, доколку криминалот беше нус појава а не услов да се биде дел од нашата елита – тогаш ќе ни беше сеедно што Бугарија ни удрила вето. Буквално ќе можевме да живееме добро и без ЕУ а од унијата ќе не молеа да пристапиме.
Знам многумина сакаат да веруваат во митот за нас како земја и како народ. Но џабе се залажуваме. За нигде сме! Тоа или ќе го смениме или вечно ќе бидеме заглавени во нашиот провинциски синдром.
Буквално немаме ниту една причина да бидеме самобендисани и горди за ништо во државава. Буквално нема ниту една дејност со која можеме да се пофалиме дека сме подобри од другите!
Ние сме една огромна дупка, една затуцана Паланка! Полна со фејкери…
Имаме прекрасна природа, имаме сонце во најголемиот дел од годината, имаме вода… Имаме одлични природни услови да бидеме успешна приказна…
Немаме мозок!, пишува Златев.