Од ден во ден јавноста се повеќе се шокира од избегнувањето одговорност и префрлањето на вината од една на друга институција. Како што се зборува во јавноста, ова е трет случај за многу краток период кој останува без брза разрешница и без конкретни информации за сообраќајната незгода во Република Бугарија.
Државниот инспекторат за тоа што Беса транс немала лиценца вината ја префрла на царинската управа, а инспекторот вели дека тоа не влијаело на несреќата. Царинската управа вели доколку имало пропуст во контролата, сепак факт е дека автобусот превезувал патници без лиценца подолг период. Од Беса транс веќе трет ден не излегуваат со соопштение и немаат конкретни информации за тоа зошто автобусот превезувал патници без лиценца, а исто така и телефонските линии се затворени.
Ваквите пропусти само говорат за трулиот систем кој владее во Македонија, а директни жртви на истиот се граѓаните. Преминувањето на границата од голем број превозници долги години се извршувало без целосна документација, а автобусот на Беса транс е само капка во морето, која за жал ја прели чашата.
Иако веќе двајца вработени во царинската управа се санкционирани поради пропустот, сепак главниот проблем не е во нив двајца, туку во било кои други кои би го направиле истото или го правеле години наназад. Вината треба да се бара во врвот на Царинската управа, како и во министерството за транспорт и врски, кои што ги издаваат лиценците за автобуските превозници.
Македонската јавност вели дека нечовечно е да се избегнува одговорност и да се префрла вината, додека десетици семејства тагуваат по своите најблиски кои загинаа во страотната сообраќајна незгода. Ако нешто овие луѓе заслужуваат, тоа е да ја знаат вистината и да имаат јасна слика за тоа што се случило рано утрото кога целосно изгоре автобус во кој загинаа 45 македонски државјани.