Николоски потсетува дека Бугарија проблемот го најави од 2019 година и дека власта на Заев не успеа дотогаш да го искористи тој прозорец на можности и не ги исполнија реформите, а во меѓувреме упорно бега од градење на заедничка Декларација.
– Кога Бугарија прв пат најави дека може да прави проблеми на лидерска средба кај Пендаровски побаравме да се усвои заедничка Декларација во однос на состојбата со Бугарија. Откако бугарското Собрание на крај на 2019 ја усвои нивната Декларација, ние повторно побаравме и бевме одбиени. Во март месец тезите од бугарската Декларација беа ставени во одлуката за Македонија во делот на почеток за преговори. Власта тоа го криеше, јас го извадив 11 дена откако тој документ беше изваден. Ние побаравме уште еднаш Декларација и пак бевме одбиени, и воопшто немаме комуникација, изјави Николоски.
Тој потенцираше дека Бугарија проблемите ги решава во Собрание, додека во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ за ништо не е информирана од власта.
– Доаѓа т.н. Португалски предлог никој не го достави да го разгледаме заедно. Декларација бараме се одбива. Се молиме да има дебата на комисијата за надворешни работи, дебатата беше смешна и ништо не се сподели со јавноста. Официјално ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија не е запозната со ништо за преговорите со Бугарија. Заев ништо и никогаш не побарал да ги образложи преговорите. Тоа што ние имаме контакти во Брисел, Стразбур, и Луксембург, е прашање од приватен карактер, но ние имаме институции каде е место да се дискутира, нагласи Николоски.
Според него решението за датум е повеќе сложено затоа прво мораме да јакнеме економски, второ е реформа на правосудниот систем и мора да ги користиме европските фондови, и четврто паметен пристап со Бугарија да не се ветуваат работи кои нема да се реализираат.