Вицепремиерот Александар Николоски по увидот на градежните работи на автопатот Тетово–Гостивар и делницата Гостивар–Букојчани истакна дека работите се одвиваат со потребната динамика. Тој посочи дека сите предизвици на трасата се решаваат со добра координација меѓу институциите, а на изведувачот му е овозможен целосен фронт за работа.

Автопат што ќе ја заобиколи Стража

Николоски нагласи дека делницата Тетово–Гостивар досега во јавноста била перцепирана како автопат, иако во суштина станува збор за експресен пат, а сега првпат ќе се изгради вистински автопат.

Тој посочи дека особено значајна е делницата која ќе ја заобиколи Стража, оценувајќи дека долго време било незамисливо да се изгради автопат што ќе го олесни поврзувањето со Охрид, Струга и Коридорот 8.

„Можете да видите како интензивно се работи на мостови, на пробивање на автопатот и на косини. Се изведуваат сериозни инженерски зафати“, изјави Николоски.

Предизвици со инфраструктурата и роковите

Вицепремиерот потенцираше дека постојат три главни предизвици во реализацијата на проектот. Првиот се однесува на дислокацијата на телекомуникациските водови, електричните инсталации и системите за водоснабдување во Полошкиот регион.

Тој додаде и дека, според официјално известување од надзорниот инженер добиено во ноември, претходната Влада не реализирала активности две години, поради што било побарано продолжување на рокот за завршување на проектот најмалку до декември 2029 година.

Ќе се врши увид и на други делници

Николоски истакна дека важен сегмент е и поврзувањето со општините кои гравитираат по трасата на автопатот.

По обиколката на овие делници, најавен е и увид во изградбата на „Галериите“ на автопатот Охрид–Кичево, рехабилитацијата на превојот Пресека, како и клучката Требеништа, која неодамна беше пуштена во употреба.