Пратениците Александар Николоски и Антонио Милошоски, како и членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев го следеа онлајн Молитвениот појадок во Вашингтон кој се одржа во скратено издание поради ковид пандемијата.
Претседателот на САД Џо Бајден во своето обраќање истакна дека САД и целиот свет поминаа низ тежок период за време на ковид пандемијата, а дека многу луѓе ги загубиле своите најблиски.
Бајден истакна дека тој ден е роденденот на неговиот покоен син Бо Бајден, кој почина од рак на мозокот на 46 години.
-Секој некогаш поминува низ тешки моменти, додаде Бајден, потсетувајќи се на смртта на неговата ќерка и неговата прва сопруга во сообраќајна несреќа.
Бајден нагласи дека треба да се намалат поделбите во општеството и повика на единство околу некои базични прашања за општо добро.
Тој самиот помина 36 години во Сенатот на САД, додавајќи дека Републиканците и Демократите треба повеќе да соработуваат, без разлика кој е на власт или во опозиција, без разлика на секојдневните политички разлики.
Молитвениот појадок оваа година се одржа без меѓународни гости и во скратено издание поради ковид пандемијата.
Настанот го водеа повеќе сенатори и конгресмени од двете најголеми партии.