Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во вечерашното гостување на телевизија Алфа рече дека веќе три дена на протестите против францускиот предлог има инфилтрирано провокатори кои треба да прават инциденти.
-Точно е дека има провокатори, и вечерва ги видовме. Но, 90 отсто од нив не ја вршат работата за која се пратени, туку се солидаризираат со демонстрантите, рече Николоски.
Тој истакна и дека тоа што се случи на вечерашниот протест, не би го нарекол инцидент и оти немало никаков физички напад или слично.
-Јас бев пред Владата и немаше никаков физички напад, јас не би сакал да се стекне впечаток во јавноста за оние коишто не беа, дека имало било каков физички контакт или напад од страна на било кој од учесниците на протестите врз македонската полиција, тоа е наша полиција, тоа се наши луѓе и секако дека сите ги почитуваме, имаше само на дел од луѓето спонтано изразување на револт, коишто тргнаа кон Владата, вели Николоски.
Што се однесува до отворањето на Уставот и внесување на Бугарите во него, нешто што е еден од условите за да се комплетира отворањето преговори на Македонија со ЕУ, Николоски рече дека никој од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за уставните измени и уставните измени нема да се случат.