Најсложениот дел од автопатот Кичево-Охрид се очекува да биде ставен во функција во следните месеци. Станува збор за делница од 10 километри со галерии, мостови, вијадукти и најдолгиот тунел во државата. Целосното завршување и пуштање во употреба на автопатот е планирано за мај следната година.
Ова го најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во денешното гостување во емисијата „Вести плус“ на Канал 5 телевизија. Тој нагласи дека најголем дел од капацитетите на Министерството во моментов се насочени кон овој проект поради бројните проблеми со кои бил наследен.
„Очекувам во следните месеци да биде пуштена најтешката делница од 10 километри, каде што има галерии, мостови, вијадукти и каде што е тунелот којшто ќе е најдолг во државата. Едната цевка е од 2 километри, другата цевка е од 2 километри и 100 метри, така што очекувам оваа делница да биде пуштена во следните месеци и со тоа пополека ќе се комплетира Охрид-Кичево“, истакна Николоски.
Според него, автопатот Кичево-Охрид останува најголемиот предизвик за Министерството за транспорт.
„Околу 80 проценти од времето и енергијата ги трошиме на Охрид-Кичево, а 20 проценти на сите останати проекти. Го наследивме со толку многу проблеми што бара секојдневен ангажман, но сега веќе се гледаат резултатите“, рече Николоски.
Осврнувајќи се на капиталните инвестиции, министерот посочи дека градежништвото и транспортот се главните двигатели на економскиот раст. Како што истакна, тоа се рефлектира и преку двоцифрениот раст на градежниот сектор во сите квартали.
„Во моментот само во општините имаме проекти коишто се финансирани од Владата, преку 1200 отворени градилишта. Ако на тоа се додадат шест автопати коишто паралелно се градат во државата, што никогаш во историјата на државата не се случило, како и интензивната работа на железничкиот Коридор 8, подготовките за почеток на работа на железничкиот Коридор 10 и секако инвестициите во аеродромите, тогаш мислам дека имаме заокружена слика на силни капитални инвестиции коишто силно придонесуваат и за економскиот раст“, рече Николоски.
Во врска со изградбата на железничкиот Коридор 8 и поврзувањето со Бугарија, Николоски информираше за неодамнешниот меѓуресорски состанок во Софија. Таму било потпишано заедничко писмо до Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за финансирање на заеднички тунел, со што, според него, се надминува проблемот со претходниот тендер.
„Само што беше избрана оваа Влада во јуни 2024 година, наидовме на отворена постапка на тендер за изведба на третата фаза од железничкото поврзување со Бугарија, во којашто дел беше и тунел до пола, што тоа ќе беше првпат во историјата на светот да се тендерира тунел до пола, затоа што тунелот е цевка, и таа цевка оди во планината, со цел од едната страна се влегува, од другата се излегува“, рече Николоски.
Тој најави дека на крајот на август ќе се одржи нов состанок во Скопје, а наскоро се очекува и тендер за избор на изведувач за третата фаза.
Во однос на стратешкиот проект поддржан од Велика Британија, Николоски потврди дека студиите ќе бидат завршени до 31 август. Потоа ќе следи законската процедура, додека теренските градежни активности се очекува да започнат во првите месеци од 2027 година.
