Вицепремиерот Николоски даде свој коментар и за инспекторите кои според него имаат голема работа.

„Нема да останат само на неправилности. Ќе следат и кривични пријави каде што не се постапувало според законот. Треба да се зголеми бројот на инспекциските служби. Тоа е во суштина главниот проблем на администрацијата. Битно е како ќе се организираме во иднина. Инспекторатот мора да се зајакне. Во моментов има само 40 инспектори за цела Македонија. Дали да проверуваат колкава е цената на одредени производи соодветно на одлуката на Владата, дали се манипулира со производи, дали зелената мафија ги уценува земјоделците во однос на произоводите и нивната цена. Сите ќе се согласат дека е невозможност. Мора да се зголеми бројот на инспектори и да им се подобрат платите“, додаде министерот.

Николоски најави одговорност, а се огласи и околу досегашното постапување на главниот обвинител Љупчо Коцевски и ОЈО за случајот со трагедијата во Кочани. Тој вели дека коректно се однесува засега Коцевски во координација со МВР, а како факт посочи дека 34 лица се во притвор.

„Самиот факт што 34 лица веќе се во притвор, седум полициски службеници и останати 27 лица по друг основ тоа многу говори за одговорноста. Ако споредиме со претходни случаи како Беса транс и Дурмо Турс каде што немаше приведени и одговорност, овде веќе јасно се гледа дека тука ќе има одговорност“, категоричен е Николоски.

Упати честитки и до МВР за завршената работа досега.

„Честитки и до МВР, навистина прават одлична работа. Можеби ова ќе биде показна вежба и за идни случаи кои ќе доаѓаат. Нашата политичка поддршка тука стои. Ние неколку дена по несреќата имавме седница на извршниот комитет каде дадовме поддршка за премиерот, на министерот за внартрешни работи и надлежните. Времето не можеме да го вратиме, но дефинитивно можеме да направиме да има одговорност“, рече тој.

Се огласи министерот и за помалите политички партии кои се обидоа да ја злоупотребат трагедијата во Кочани.

„Не можам, а да не испоментирам дека сум згрозен од обидот на помали политички актери за да ја злоупотребуваат несреќата. Никој во светот и во демократијата не добил шанса ако се злоупотребува ваква трагедија. Нашиот натпревар треба да е во други сектори, а не да се злоупотребува несреќа. Здравствениот систем одговори најдобро можно, а правосудните органи и МВР добро си ја завршуваат работата“, нагласи Николоски.