– Земја лидер сме во реализација на ИПАРД програмата. Со новата ИПАРД 3 програма 210 милиони евра имаме на располагање за модернизација на македонското земјоделство, порача денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски во “Македонија наутро” на МРТВ.
-Во тек е последниот јавен повик од ИПАРД 2 програмата, и први во регионот започнуваме со ИПАРД 3. Гордост е што една мала земја како нашата успеа да се избори за лидерското место во конкуренција со дупло поголеми држави, и држави кои се членки на ЕУ, вели тој.
Информираше дека со ИПАРД 3 ќе се акредитираат 4 нови мерки: зголемен е прагот на минимални инвестиции, воведен е нов начин во обезбедувањето на потребната документација, со ИПАРД 3 овозможуваме авансна исплата до 50% од договорот.
Ги охрабрувам и повикувам сите заинтересирани, да ја искористат оваа можност, за заедно да се радуваме на нови успеси и инвестиции, порача Николовски.