По најавата на францускиот претседател Емануел Макрон дека е уверен оти е постигнат добар компромисен договор за Бугарија и Македонија, од Советот во ЕУ ги поздравија неговите напори, јави дописничката на МИА од Брисел.

-За прашањето на пристапувањето на Северна Македонија, ги продолживме нашите консултации со македонските и бугарските власти затоа што нашата заложба за европската перспектива на Западниот Балкан е да можеме да ги отвориме првите поглавја за Македонија и Албанија. Врз основа на овие консултации, уверен сум дека најдовме компромисно решение кое одговара на сензибилитетот на секој. Во интерес на Бугарија и на Северна Македонија, прифатлив за сите, изјави Макрон.

Како што објаснуваат високи дипломатски извори за новинарите во Брисел попладнево на маса е сега ставен „финален компромис кој одговара на преокупациите што ги изразија Бугарија и Северна Македонија“.

Како што дознаваме од добро упатени извори, тоа што е изменето во новата верзија се термините кои се користат, а не самата суштина. На пример, протоколот е објаснет по друг назив.

Финалниот предлог од страна на македонската Влада и оние кои го креирале денес се претставува како нешто ново, добро за Македонија. Компромисното решение, за кое како македонски граѓани не ни бевме навремено информирани дека е донесено, всушност е истиот француски предлог, само малку украсен. Како подарок со машничка.

Првата измена е модификација на терминологијата околу одржување на Меѓувладината конференција. Следната измена која сакаат да ја претстават како некое компромисно решение е терминолошка разика, односно за истиот договор се користат видоизменети термини.

Останатите измени се однесуваат на повторно извлекување на историските прашања и т.н. Протоколи од Меѓувладините конференции предвидени со Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија.

Па иако македонскиот премиер Димитар Ковачевски има информации што договара и што тоа ќе донесе за Македонија, дури откако Макрон и ЕУ соопштија, тој најави дека следуваат консултации.

-Овој предлог, при чие изготвување се земени предвид нашите позиции и барања, ќе биде ставен на широк консултативен процес. Консултации во следните денови ќе се прават во Владата, со политичките партии, со претседателот на државата, Парламентот, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупна јавност во земјата. По овие консултации ќе се донесе одлука во однос на предлогот, наведува Ковачевски.