Најмногу грижи на жителите им задава најголемата река Треска, која продолжи да се излева кај селата Вранештица, Лисичани и Пласница и низводно кај Македонски Брод, од Пешна до село Девич.

– Последните врнежи од дожд во регионот ги зголемија водотеците, а во тој поглед предничи најголемата река Треска, која вчера веќе се излеа на поголеми површини ниви и ливади. По новиот пораст измерен денеска, состојбите барем наредните неколку дена нема да се подобрат. Така вчера нивото на Треска беше пораснато на 132 сантиметри, а денеска на мостот кај Македонски Брод да бидат измерени 170 сантиметри, што е реална опасност реката да се излее во пониските делови, вели Миле Стојкоски од РЦУК – Македонски Брод.

Снегот кој утринава почна да врне во регионот засега не предизвикува проблеми во одвивање на сообраќајот.

– Првиот годинешен снег во нашиот регион не предизвика никакви проблеми. Висината на снежната покривка се движи од 7 сантиметри во пониските делови, до 20 сантиметри во ридско-планинските села. Засега немаме информации за проблеми во одвивање на сообраќајот, а бидејќи снегот престана да врне, очекуваме состојбата наскоро целосно да се стабилизира, додаде Стојкоски.