Интензивните градежни работи за асфалтирање на автопатската делница од Коридорот 10, на потегот од Гевгелија до граничниот премин Богородица, се одвиваат и во ноќни услови. Теренските активности се во полн ек со цел сообраќајната делница да биде брзо ставена во целосна функција.
За време на увидот на теренот беше констатирано дека градежните екипи непречено ги спроведуваат работните задачи за целосно обновување на коловозот.
Надлежните посочуваат дека зафатот опфаќа сеопфатна реконструкција на патната инфраструктура на влезот во државата, со цел да се обезбеди побезбеден и поефикасен сообраќаен проток.
„Вечерва сме на граничниот премин Богородица, на најфреквентниот граничен премин којшто државата го има. Ова е граничен премин на коридорот 10 којшто нè спојува со Грција. Во рамки на програмата што ја имаат Јавното претпријатие за државни патишта и Министерството за транспорт, се прави целосна реконструкција и рехабилитација на влезот во Македонија во должина од околу 5 километри од граничниот премин Богородица до после Гевгелија. Се работи на интезивно, како што гледате, се работи и навечер со цел што побрзо да заврши оваа рехабилитација, да имаме супер модерен влез во државата. На овој начин покажуваме дека се грижиме за сите делови од државата и дека се грижиме инфраструктурата да е во одлична состојба насекаде државата. Сакав еве вака во една вечерна, ноќна посета да ги поздравам сите оние коишто работат овдека, да видам како се одвиваат активностите. Навистина активностите се одвиваат одлично и за многу брзо време ќе имаме супер модерен влез во државата“, изјави Николоски.
