Според планот, целиот проект ќе трае неколку години, но искуството на Норвешка покажало дека системот е целосно функционален, безбеден и лесно се управува. Системот е веќе интегриран во неколку држави и Норвешка преку заменик амбасадорот пренесе порака дека позитивните искуства сакаат да ги споделат и во Македонија.
Покрај финансискиот дел, судската управа на Норвешка е подготвена да го помогне и вградувањето на АКМИС-от и да ги спроведе обуките на персоналот кој ќе биде задолжен за управување со системот, преку свои судии, информатичари и други стручни лица со цел македонското судство да биде целосно дигитализирано.
Од страна на претседателката на Судскиот совет, Црвенковска, беше брифирано дека Владата во Буџетот има обезбедено 90 милиони денари за набавка на сервери што ќе се постават во Врховниот суд, но и 20 милиони денари за набавка на техничка опрема за судовите, пред се за опремување на судниците и нагласи дека од суштинска важност е процесот на дигитализација да продолжи со забрзано темпо, затоа што сите реформи во иднина почиваат врз овој процес.
Судскиот совет се соочува со недостатоци на постоечкиот АКМИС затоа што во последната година се донесени низа подзаконски акти кои се однесуваат на обезбедување независно и објективно судството, а чија имплементација зависи токму од надграден и проширен АКМИС систем. Судскиот совет ги усвои Методологијата за квалитативно оценување на судиите, Методологијата за утврдување сложеност на судски предмети, како и други стратегии и планови кои директно ќе го подобрат судскиот систем, ќе ја зголемат одговорноста на судиите, а правдата ќе ја направат побрза и поефикасна. За да започне имплементацијата на овие документи неопходно е да биде воспоставен современ дигитален систем.