Учениците до 13 години нема да смеат да користат ВИ алатки

Норвешка одлучи значително да ја ограничи употребата на алатките со вештачка интелигенција во образованието, при што учениците во основните училишта речиси целосно ќе останат без пристап до ваквите технологии.

Новите правила, кои ќе почнат да се применуваат од новата учебна година кон крајот на август, предвидуваат учениците од прво до седмо одделение, на возраст од шест до 13 години, по правило да не користат алатки базирани на вештачка интелигенција.

Одлуката доаѓа откако норвешките власти изразија загриженост дека прекумерната употреба на технологијата може негативно да влијае врз процесот на учење кај најмладите.

„Користењето на вештачката интелигенција го зголемува ризикот малите деца да прескокнат важни чекори во своето образование“, изјави норвешкиот премиер Јунас Гар Стере.

Тој нагласи дека основните вештини мора да останат во фокусот на наставата.

„Најважно во училиштето е нашите деца да научат да читаат, пишуваат и сметаат“, рече Стере.

Ограничена употреба за постарите ученици

Според владините насоки, учениците на возраст од 14 до 16 години ќе можат внимателно да користат вакви алатки, но исклучиво под надзор на наставниците.

За средношколците од 17 до 19 години, пак, пристапот ќе биде поширок, со цел да стекнат знаења за правилно и одговорно користење на вештачката интелигенција во понатамошното образование и на работното место.

Норвешка беше меѓу првите европски држави што масовно воведоа дигитални уреди во наставата. Компјутерите почнаа да се користат во училниците уште во 1990-тите, а таблетите добија поширока примена од 2010 година наваму, што доведе до намалена употреба на учебници и рачно пишување.

Поголем акцент на книгите и ограничување на технологијата

Во меѓувреме, норвешката влада најави дека ќе предложи законски измени за финансирање на поголема употреба на печатени книги во наставата.

Минатата година земјата воведе и забрана за користење паметни телефони во училиштата, поради падот на резултатите на тестирањата.

Дополнително, во април годинава властите најавија планови за забрана на користење социјални мрежи за лица помлади од 16 години, приклучувајќи се кон иницијативите што веќе ги презедоа Австралија и други држави во обид да се намали зависноста на младите од електронските уреди.