Нема крај на дипломатските скандали и срамови на власта. По низата случаи каде се поставуваа погрешни знамиња на држави при официјални посети во Македонија, скандали со поставувањето на амбасадорите и несоодветниот дрес код на некои министри при официјални посети во странство претставувајќи на Македонија, повторно нова бламажа за земјава.
Пратеничката од СДСМ, Снежана Калеска Ванчева на социјалните мрежи објави фотографија на која е сликана со претседателот на украинскиот парламент, но во описот таа целосно го згреши неговото име и функција.
-Средба со Олександар Турчинов, спикер на Врховната рада, кој воедно ја извршува привремено и функцијата Претседател на Украина, во рамки на студиската посета за демократски развој на шведскиот Ригсдаг, објави пратеничката.
За срамот да биде поголем, во коментар на нејзината објава се огласи лично спикерот на украинскиот парламент кој и посочи на пратеничката Калеска Ванчева дека неговото име е Руслан Стефанчук, како и дека претседател на Украина е Володимир Зеленски.
За оваа ситуација се огласи и поранешниот министер за надворешни работи и актуелен пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски кој смета дека оваа ситуација не е само личен срам, туку и девалвирање на македонското Собрание во целина.
-Од дипломатските активности на пратениците на СДСМ издвојуваме уште еден “бисер” кој докажува дека нивното про-форма фотографирање за време на патувањата во странство нема политичка содржина, ниту реална корист за Македонија. Напротив. Да не му го знаеш ниту името, ниту функцијата на оној со кого се фалиш дека ти е пријател и со кого имаш блиц фотографија не е само лично бламирање, туку и девалвирање на македонското Собрание во целина. Во случајов ваквата површност е и понижувачка за Претседателот на парламентот на Украина, напиша Милошоски на Фејсбук.