Аеродромот во Истанбул постави нов рекорд во патничкиот сообраќај, откако во саботата, 1 август, опслужил 289.260 патници. Ова е најголемиот дневен број на патници регистриран досега во Турција и Европа.

Турскиот министер за транспорт и инфраструктура, Абдулкадир Уралоглу, соопшти дека новиот рекорд ја потврдува сè поголемата стратешка улога на аеродромот во меѓународната авијација.

Според него, аеродромот во Истанбул се позиционира меѓу водечките аеродроми во светот благодарение на своите капацитети, развиената инфраструктура и квалитетот на услугите што ги нуди.

„Новиот рекорд докажува дека нашиот аеродром е глобален центар за транзитни патници“, изјави Уралоглу.

Податоците на Генералниот директорат на администрацијата на државните аеродроми (DHMI) покажуваат дека во периодот од јануари до јуни годинава, аеродромот во Истанбул опслужил вкупно 39,92 милиони патници. Тоа е зголемување во однос на истиот период минатата година, кога биле регистрирани 39,25 милиони патници.

Растот главно се должи на зголемениот меѓународен сообраќај. Бројот на патници на меѓународните летови во првата половина од годината се зголемил за два проценти, достигнувајќи 31,7 милиони патници.

Домашниот патнички сообраќај, пак, останал речиси непроменет, со 8,24 милиони патници во првите шест месеци од годината, објави весникот „Хуриет“.