Нов масовен руски напад врз Киев и повеќе региони во Украина

Стотици илјади жители останаа без струја, вода и греење, на температури до минус 15 степени.

Руските сили ноќта меѓу понеделникот и вторникот извршија ракетен и дронски напад врз Киев и неколку украински региони, при што беа погодени станбени згради и енергетска инфраструктура. Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, соопшти дека нападите предизвикале сериозни прекини во снабдувањето со електрична енергија, вода и централно греење.

Според Кличко, рано изутрината без греење останале 5.635 станбени згради, додека температурите во градот се спуштиле до минус 15 степени Целзиусови. Речиси 80 проценти од погодените објекти неодамна повторно добиле греење по претходен руски напад.

Најголемата украинска приватна енергетска компанија ДТЕК соопшти дека поради нападите врз енергетските објекти, повеќе од 335.000 жители на Киев останале без електрична енергија.

Шефот на Канцеларијата на Обединетите нации за човекови права, Фолкер Турк, изјави дека цивилното население го носи главниот товар на нападите.

„Овие напади можат да се опишат само како сурови и мора да престанат. Напаѓањето на цивили и цивилна инфраструктура е јасно кршење на правилата на војување“, рече Турк во изјава од Женева.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека нападите вклучувале значителен број балистички и крстосувачки ракети, како и повеќе од 300 офанзивни беспилотни летала. Според него, состојбата е најтешка во Киев, каде што голем број станбени згради се без греење.

„Важно е светот да не молчи. Русија не може да биде рамноправна со другите држави сè додека е фокусирана на убивање и мачење луѓе“, напиша Зеленски на социјалната мрежа X.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека нападот бил, како што наведуваат, „одговор на терористички напади на Украина врз цивилни цели во Русија“, тврдејќи дека целите во Украина биле објекти на воената индустрија и инфраструктура што ја користат украинските вооружени сили. Москва повторно негира дека напаѓа цивилна инфраструктура.

Украинските власти предупредија дека последиците врз енергетскиот систем може дополнително да се влошат во наредните недели. Шефот на парламентарниот Комитет за енергетика, Андриј Херус, оцени дека следните 30 дена ќе бидат исклучително тешки, особено доколку продолжат нападите врз енергетската мрежа.

Поради безбедносната состојба, Зеленски најави дека ќе остане во Киев и нема да присуствува на Светскиот економски форум во Давос, каде што требаше да се обрати, освен доколку не се организира посебна билатерална средба со американскиот претседател Доналд Трамп.

НОВ РУСКИ МАСОВЕН НАПАД