Владата планира изградба на примарен центар за податоци што ќе ги поврзе јавните институции и ќе ја зајакне нивната отпорност на сајбер-напади. Според премиерот Христијан Мицкоски, проектот би можел да започне на почетокот на следната година, а сегашниот начин на кој е поставена дигиталната инфраструктура има сериозни слабости.
„Нашата архитектура не е многу погодна. Тоа е товар и наследство од минатото“, изјави Мицкоски.
Државата во моментов располага со секундарен, односно резервен центар за податоци, но нема примарен центар што би ги опфатил сите јавни институции, а по потреба и приватниот сектор, посочи премиерот. Поради тоа, институциите во голема мера самостојно ја обезбедуваат својата дигитална инфраструктура. Според Мицкоски, ваквата поставеност отвора широк простор за потенцијални сајбер-напади.
Изградбата на примарниот центар е планирана во рамките на реформската агенда со Европската Унија. Тој треба да биде поврзан со постојниот секундарен центар за опоравување и со облак-систем, кој би служел како дополнително ниво на заштита.
Мицкоски рече дека финансирањето ќе се обезбеди преку грантови и поволен заем со ниска каматна стапка, чија отплата би започнала од 2035 година.
„Имаме план за нова архитектура. За жал, таа архитектура не постои во моментов, но сме позитивни и ќе го следиме планот. Сигурен сум дека наскоро ќе бидеме многу поотпорни отколку што бевме во минатото“, рече Мицкоски.
Премиерот го истакна значењето на сајбер-безбедноста за Македонија како членка на НАТО. Според него, безбедноста на Алијансата зависи и од отпорноста на секоја нејзина членка.
