Според планот и текот на работите се очекува во наредните два месеци градинката да биде ентериерно целосно решена, и во август објектот да биде отворен.

-Посветено работиме на зголемување на капацитетите во градинките со единствена цел што е можно повеќе деца од предучилишна возраст да бидат згрижени. Новата градинка во Неготино ќе овозможи сместување на сите деца од предучилишна возраст во детска градинка. Тоа е резултатот на нашата работа и нашите заложби, истакна Шахпаска.

Оваа детска градинка е дел од Проектот за подобрување на социјалните услуги во земјава кој се спроведува врз основа на наменски заем кој Владата го доби од Светска банка.

Објектите кои се градат, како што велат од МТСП, се квалитетни и енергетски ефикасни предучилишни установи кои обезбедуваат најдобри можности за учење соодветно на возраста. Исто така воспоставени се нови стандарди и нормативи за градинките, со што просторот во кој децата престојуваат треба да биде уреден согласно нивните потреби за движење и поттикнување на учење преку игра.

Министерката најави дека до крајот на годината ќе бидат отворени уште тринаесет нови градинки, кои ќе го зголемат капацитетот на деца за 1.400 места.