Универзитетскиот професор и истражувач во областа на компјутерските науки и вештачката интелигенција, д-р Андреа Кулаков, е годинашен добитник на престижната општинска награда „8 Ноември“. Ова високо признание традиционално се доделува по повод одбележувањето на Денот на ослободувањето на Неготино, информираа од локалната самоуправа.

Наградата на професорот Кулаков му се доделува како признание за неговите значајни достигнувања и научни откритија во областите на роботиката, деловната интелигенција, компјутерската обработка на слика и звук, како и други специфични подобласти на когнитивните науки и вештачката интелигенција.

Покрај главната награда, општинските власти ги објавија и останатите добитници на признанијата „8 Ноември“ за 2026 година. Меѓу наградените се Никос Тсимас за меѓународна промоција и афирмација на општина Неготино, Фолклорниот ансамбл „Ацо Ѓорчев“ за придонес во областа на културата, Сузана Андонова за постигнувања во образованието, ГФК Неготино – Зоран Недев во областа на спортот, Ферат Рустемов за развој на параспортот и инклузија на лица со оштетен вид, како и младиот спортист Јован Јовановски.

Свеченото врачување на општинските признанија на добитниците ќе се одржи на официјалната седница на Советот на Општина Неготино закажана за недела, на 8 ноември, во просториите на Центарот за култура „Ацо Ѓорчев“, со почеток во 11 часот.