Осуденичката на смрт Криста Пајк сè уште се соочува со можноста за извршување на најтешката казна во американската сојузна држава Тенеси. Таа требаше да биде погубена со смртоносна инјекција на 30 септември, но го преживеа процесот и покрај тоа што прими две дози пентобарбитал. По инцидентот, нејзината здравствена состојба беше критична со денови, по што локалните власти и политичките претставници отворија дебата за нејзината натамошна правна судбина.

Пајк беше осудена на смртна казна пред повеќе од три децении, откако беше прогласена за виновна за бруталното убиство на Колин Слемер во 1995 година. Според судската пресуда, Пајк, заедно со нејзиното тогашно момче Тадарел Шип и пријателката Шадола Петерсон, ја намамиле Слемер во шума во Ноксвил. Таму жртвата била физички нападната, тепана и избодена, а сторителите на крајот ѝ врежале пентаграм во пределот на градите.

Актуелниот гувернер Бил Ли во интервју за медиумот WSMV наговести дека пресудата кон Пајк останува непроменета и дека надлежните органи можат да пристапат кон ново извршување доколку нема правна пречка од правосудните инстанци.

„Што се однесува до некој како Криста Пајк и нејзиниот криминал, таа сè уште е во затвор според законите на државата Тенеси. Претпоставувам дека нејзината казна ќе остане иста како што беше досега, освен ако судовите не одлучат поинаку“, рече Ли.

Сè уште не е прецизиран правниот и техничкиот метод преку кој би можела да се реализира евентуалната нова егзекуција. Во сојузната држава Алабама претходно беше забележан сличен случај каде затворениците Кенет Смит и Алан Милер преживеаја неуспешни обиди за смртоносна инјекција во 2022 година, по што властите две години подоцна ја спроведоа казната со употреба на азотна хипоксија. Во случај на втор обид, Пајк би можела законски да побара егзекуција преку електрична столица, со оглед на тоа што нејзиното дело било извршено пред 1 јануари 1999 година.

Марсија Блекбурн, која важи за главен фаворит за наследник на функцијата на Ли на изборите закажани за 3 ноември, изнесе јавен став дека решението за надминување на ваквите неуспешни обиди е враќање на електричната столица како примарен метод.

„Криста Пајк требаше да биде егзекутирана одамна. Оваа неуспешна егзекуција само ја продолжува болката на семејството на Колин Слемер. Иако е неопходна темелна истрага за тоа што се случило и зошто судењето не успеало, одговорот е едноставен: вратете ја електричната столица и брзо донесете правда за жртвите. Како ваша гувернерка, токму тоа ќе го направам“, рече Блекбурн.

Правниот тим на Пајк информираше дека обидот за погубување предизвикал сериозни телесни оштетувања, меѓу кои тежок оток на рацете, појава на пневмонија и згрутчување на крвта за време на нејзиниот престој во болница. Нејзиниот адвокат Ренди Спајви ја опиша целата постапка како исклучително сурова и мачна за осуденичката.

По враќањето на свеста и воспоставувањето на говорот, здравствената состојба на Пајк почнала постепено да се подобрува, по што таа повторно проодела. Таа подоцна беше отпуштена од болничката установа и префрлена на понатамошно закрепнување во Центарот за рехабилитација „Дебра К. Џонсон“ во Нешвил. Спајви соопшти дека затвореничката бележи физички напредок, самостојно се движи, комуницира јасно и формира целосни реченици.

По враќањето на Пајк во затворскиот комплекс, правните застапници испратија официјално соопштение до јавноста во кое се заблагодарија на лекарскиот персонал.

„Таа е благодарна на службите за итни случаи и медицинскиот тим за нивната грижа во овие исклучителни околности. Таа продолжува да добива медицинска нега во затворот, а ние ќе продолжиме да го следиме нејзиното закрепнување“, рекоа адвокатите.

Правниот тим во соопштението посебно ги нагласи и тешките психолошки последици со кои се соочува нивната клиентка по неуспешниот обид за спроведување на смртната казна.

„Криста се справува со длабока психолошка траума од преживувањето на обидот за егзекуција, што вклучува ужас, болка и неизвесност од верувањето дека ќе умре“, соопштија правните застапници.