Се тестира нова генерација соединенија со двојно посилен ефект

Меѓународен тим научници, меѓу кои и истражувачи од државниот универзитет во Јужен Урал СУСУ, развил и тестирал нови платински соединенија кои покажале потенцијал за третман на рак на дојка, пренесува агенцијата РИА Новости.

Според авторите на студијата, новосинтетизираните соединенија покажале повисока ефикасност и значително помала токсичност во споредба со постојните комерцијални лекови кои се користат во хемотерапија.

„За прв пат добивме соединенија кои не само што го потиснуваат растот на туморот, туку и го штитат телото од токсични ефекти. Ова отвора нови хоризонти во хемотерапијата за рак“ – изјавила научничката Алена Зикова од Институтот за напредни материјали и технологии за заштеда на ресурси при СУСУ.

Истражувачите се фокусирале на соединението АВ1, платински комплекс кој во лабораториски тестови покажал двојно посилен ефект во запирање на растот на малигни клетки од широко користен лек.

Како што објаснила Зикова, новата генерација платински соединенија има предност бидејќи останува стабилна во крвотокот, а се активира директно во клетките на туморот, со што се намалуваат несаканите ефекти.

Во тестирања на животни, соединението покажало силно антиоксидативно и антиинфламаторно дејство, го потиснало растот на туморот и метастазите и ја подобрило функцијата на митохондриите.

„Дури и со долготрајна употреба, соединението не предизвикало системска токсичност, а кај тестираните животни не биле откриени проблеми со црниот дроб, бубрезите или срцето, додека нивната телесна тежина останала нормална“ – нагласила Зикова.

Во истражувањето биле користени и методи на квантна хемија и компјутерско моделирање, со цел предвидување на однесувањето на супстанцијата во организмот.

„Компјутерот помага во предвидувањето како супстанцијата ќе се однесува во телото и дали ќе се врзе за саканиот протеин, како и каква ќе биде нејзината активност и колку е безбедна. Таквите пристапи се од клучна важност за развој на лекови“ – изјавил Јурица Новак.

Истражувачите најавуваат потенцијал за нова генерација лекови против рак

Доколку се покаже како успешен, развојот на овој проект би можел да стане основа за создавање на следната генерација на домашно произведени антитуморски лекови, пишува агенцијата.

Во истражувањето учествувале научници од СУСУ, Институтот „Руѓер Бошковиќ“, Универзитетот за земјоделство и технолошки науки „Сам Хигинбот“ од Индија и Универзитет Крал Сауд од Ријад.