Нов поморски коридор би можел да биде воспоставен за регулирање на пловидбата низ Ормускиот Теснец, додека разговорите меѓу САД, Иран и Оман бележат напредок. Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека страните постигнале одреден напредок, но дека сè уште нема конечен договор.
– Постигнат е напредок во тие преговори, но сè уште нема конечно решение. Се надеваме дека тоа ќе се случи многу брзо – изјави Рубио.
Во меѓувреме, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, појасни дека разговорите меѓу Иран и Оман се однесуваат на воспоставување нов пловен коридор.
Според Багаи, новата рута би ги замениле постојните северни и јужни пловни правци. Во нејзиното воспоставување би се земале предвид и безбедносните интереси на двете крајбрежни држави.
Ормускиот Теснец ги поврзува Персискиот Залив и Оманскиот Залив, а на најтесната точка е широк околу 39 километри. Иран и Оман имаат територијални води во широчина од по 12 наутички милји, односно околу 22,2 километри.
Поради тоа, територијалните води на двете држави се преклопуваат, што значи дека во овој дел од Ормускиот Теснец нема меѓународни води.
Теснецот претставува една од најзначајните поморски рути во светот. Низ него секојдневно се транспортира значителен дел од глобалниот извоз на нафта и течен природен гас.
