Мицкоски најави нови мерки за справување со пожарите

Премиерот Христијан Мицкоски на надзорна расправа за аерозагадувањето во Собранието откри сериозни пропусти во справувањето со пожарите минатата година.

„Трите воздухоплови за гаснење пожари беа приземјени, не беа сервисирани, немаа употребна дозвола за управување“, изјави тој.

Пилотите биле незадоволни и пензионирани, а системот немал протокол.

„За жал, пилотите беа незадоволни и во пензија, па моравме да ги враќаме. Немаше официјален протокол за вертикална оска на команда за пожари“, додаде Мицкоски.

Ова довело до неефикасна координација и хаос во интервенциите.

Владата презема мерки за подобрување на системот.

„Има дуализам меѓу Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи, што мора да се промени. Од октомври почнавме процес на нивно спојување во една институција“, рече премиерот. Ова е и барање на НАТО за реформа.

„Мора да знаеме која институција дојавува, кој командува и кој носи одговорност“, нагласи тој, истакнувајќи ја потребата од јасна структура.

Мицкоски како една од мерките за справување со пожарите, најави забрана за движење во шумите во летната сезона.

„Оваа година ќе има забрана за движење во шуми, освен со дозвола. Секој што сака да спортува или планинари ќе извади белешка“, објасни тој. Ова ќе овозможи следење на движењата и одговорност при пожари. „Ќе знаеме кој е во шумите, каде се наоѓа и кој е одговорен“, додаде премиерот.

Тој се осврна и на проблемите во ЈП „Национални шуми“. „Минатата година имаше недостиг од нафта, неисплатени плати, нефункционални возила и необучени дрвосечачи“, рече Мицкоски. Владата интервенирала за да ги реши овие недостатоци.

„Сега правиме финални подготовки, координирани од заменик-претседателот Љупчо Димовски, заедно со министрите и директорите“, соопшти тој. Подготвеноста е значително подобрена. „Подготвени сме да интервенираме поорганизирано. Имаме план и сме многу поподготвени“, заклучи Мицкоски.