Два монографски труда беа промовирани на затворањето на дводневната манифестација Мисиркови денови во Македонската академија на науките и уметностите. „Социолошкиот дискурс на Крсте Петков Мисирков: За македонскиот идентитет и за нацијата“ е насловот на публикацијата на д-р Ганка Цветанова, која ја промовираше академик Катица Ќулавкова. Изданието „Окружението на Мисирков“ од д-р Димитар Пандев беше претставено од д-р Лилјана Гушевска.

„Ослободена од сувопарност, како што впрочем и самата Ганка е инвентивна и креативна, оваа книга го претставува Мисирков како основоположник на современиот македонски социолошки дискурс, а неговите теориски концепции добиваат централно место во обликувањето на критичкото толкување на националните, културните и политичките феномени во рамки на македонската научна мисла“, нагласи Ќулавкова.

Градејќи го својот профил на теоретичар на нацијата, протонационализмот и национализмот, вклучувајќи ги модерните теории на нацијата во светот, Цветанова стекна научен легитимитет да ја проучува историјата на македонската нација, дополни промоторката. Во тој контекст беше очекувано таа во еден миг да се зафати со толкување на опусот на Мисирков, како првиот култен теоретичар на македонскиот културен и јазичен идентитет.

Академик Ќулавкова подвлече дека Мисирков не е обична тема на идентитетот, иако тоа често се наметнува како стереотип, туку основоположник на македонската модерна политичка теорија и филозофија на идентитетот и нацијата.

„Македонскиот идентитет постои векови наназад, значи не може да го создаде некој во 19-от или 20-от век, иако неговата научна концептуализација и политичка автономија се артикулираат, доста широко со оглед и кодекс во општословенската и европската јавност, дури во втората половина на 19-от и на самиот почеток на 20-от век, ете најпрецизно артикулирана кај Крсте Петков Мисирков“, рече Ќулавкова.

Дефинирајќи го македонскиот историски, етнички, јазичен и културен идентитет, тој ја скицира политичката концепција на македонската нација врз основа на социјалните и политичките фактори, граѓанската еднаквост, чувството за припадност, културата и научната елита, што посебно го подвлекува Цветанова во своето истражување.

„Во клучните документи на Македонското научно и литературно другарство во Санкт Петербург од самиот почеток на 20-от век, македонската нација е концептуализирана согласно тогашните релевантни европски модели и затоа јас ја препорачувам и книгата која произлезе од проектот што го правевме заедно и со професорката Цветанова за Македонското научно и литературно другарство, каде што покажуваме дека сфаќањата на нашите тогашни интелектуалци од самиот врв кои живееле, работеле, се школувале ширум Европа, точно е во согласност со важечките теориски научни начела кои доаѓаат дури и малку подоцна, ама и се во согласност со дадената тогашна ситуација“, рече таа.

Во трудот се вкрстуваат согледувања од социологијата, политикологијата, историјата, лингвистиката, теоријата на нацијата и културологијата. По 123 години од објавувањето на „За македонцките работи“, мислите на Мисирков за заедницата, народната волја и етничкиот идентитет остануваат актуелни наспроти модерните категории на политички и уставен договор.

Цветанова посочи дека Мисирков претставува еден од најсветлите ликови во македонската национална историја како истакнат славист, публицист, историчар, етнограф, истражувач и реформатор, чиј научен фокус вообичаено се сведува на јазичната стандардизација.

Студијата отвора поинакво читање насочено кон социолошката димензија и прашањата за врската меѓу поединецот и заедницата, јазикот, социјалните врски, колективната меморија и културната традиција што го обединуваат народот во една целина.

Како аналитичка рамка на истражувањето послужија модернистичките теории за нацијата артикулирани во осумдесеттите години на дваесеттиот век, кои нацијата ја толкуваат како историска и социјална конструкција создадена од културни, политички и технолошки процеси.

Цветанова објасни дека води дијалог со модернистичките теории за да ја осветли теориската далековидост на Мисирков и неговата комуникација со современите согледувања за општеството.

Константа во творештвото на Мисирков претставува автономијата на Македонија како императив за зачувување на самобитноста на народот, при што современата држава преку институциите ја отелотворува нацијата и ја внесува во меѓународниот поредок.

Автономијата се третира како клучен предуслов за целокупниот развој на македонскиот народ на културен, образовен и економски план.

Во освртот кон јазичната реформа, авторката подвлече дека првиот обид за научна стандардизација на македонскиот јазик ги надминува чисто филолошките рамки и добива широко општествено и политичко значење.

„За него, овој процес ги надминува филолошките граници и има многу пошироко и поголемо политичко значење. А бидејќи, како што се тврди според двете највлијателни модернистички теории за нацијата и национализмот, културите на национализмот и модерната нација започнале да се испишуваат оној момент кога започнала и стандардизацијата на колоквијалните говори и развојот на високите стандардизирани култури базирани на писменост и образование. Па така, Мисирков ќе рече дека со разрешување на јазичното прашање се разрешува целокупното македонско прашање. И дека создавањето на македонски литературен јазик е всушност рамносилен чин на одвојувањето на македонската народност од групата на Јужни Словени“, рече Цветанова.

Во анализата на македонското прашање се користи компаративен и интердисциплинарен пристап, разгледувајќи ги појавите во нивната меѓусебна историска поврзаност.

„И во таа смисла, на самиот крај би сакала да кажам дека делото на Мисирков несомнено зрачи со социолошка димензија. Во таа смисла ние можеме со чиста совест да кажеме дека Мисирков не само што е основоположник на македонскиот социолошки дискурс, туку тој е и еден од основоположниците на македонската општествена научна мисла. Мисирков не бил само нем сведок на времето во коешто живеел, тој бил негов временски, надвременски гласник. Мисирков бил теоретичар пред појавата на модерните теории за нацијата и национализмот и визионер за државноста пред создавањето на македонската држава“, заклучи Цветанова.

промоција на две монографии на научниот собир

Монографијата „Окружението на Мисирков“ од Димитар Пандев беше претставена од Лилјана Гушевска, која истакна дека делото ги анализира менторите, професорите, соучениците, современиците и противниците на авторот на „За македонцките работи“.

„Тие опкруженија ги подразбираат и македонските ученички и студентски здруженија, а како што е познато, во работата на дел од нив учествувал и самиот Мисирков, физички присутен или преку своето дело, дури и по својата смрт. Во опкруженијата ќе ги сретнеме и собеседниците на Мисирков на различни теми, не само на научни. Професорите на неговите професори, професорите на нашите професори. Опкруженијата на неговите претходници, на пример на Прличев, но и на неговите наследници, може да се каже и следбеници, на пример Конески, а во тие рамки и на оние што го откриваат и го истражуваат неговото дело, во прв ред Блаже Ристовски, но повторно и Конески, и Гане Тодоровски и други. Тука ќе сретнеме многумина што биле дел од славистичкото, македонистичкото и од дворјанското опкружување на Мисирков“, рече Гушевска.

Книгата го позиционира македонскиот деец во широк балкански и европски општествено-политички контекст.

„Авторот нагласува дека времето во кое живее и дејствува Мисирков е несомнено исклучително турбулентно и пресвртно. Сепак, тоа е и време на раздвижување и на револуционерен и на културен план, со што се разоткрива македонистичкото опкружување на Мисирков, и тоа низ панорамата на училишните бунтови во Солунската егзархиска гимназија, на учениците, како што вели авторот, што ги учел Григор Прличев, а ги воспитувал Темко Попов, економот во гимназијата, инаку еден од основачите на Тајниот македонски комитет, кој ги поставува и основите на македонскиот национален сепаратизам. Но тоа е време и на програмски книги и устави кои излегуваат благовремено, вели авторот, а во тие рамки тој ја спомнува програмската книга на Петар Поп Арсов „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници“, како и Уставот на Младата македонска книжовна дружина, објавен во првиот број на списанието „Лоза“ во јануари 1892-та година“, рече Гушевска.

За подготовка на ова капитално дело била потребна темелна филолошка и историска подготовка за аргументирано образложување на македонската посебност.

Во студијата се истакнува влијанието на петроградските професори Бодуен де Куртене, Петар Лавров и Тимофеј Флорински, како и новите лингвистички струења од крајот на деветнаесеттиот век.

„Осврнувајќи се и на времето по Мисирков, односно во македонски контекст на времето на Манапов, на Рацин и на Коле Неделковски, на Македонскиот книжевен кружок во Софија, на „Белите мугри“, а потоа и на АСНОМ, авторот размислува и за тоа како ќе биле прифатени македонистичките идеи на Мисирков од страна на социјалистите на Влахов. Но и самиот нагласува дека тоа време повторно не може да помине без книгата „За македонцките работи“, зашто таа им е позната како на членовите на Македонскиот литературен кружок во Софија, така и на Рацина, така што не можела да им биде непозната и на барем неколкумина од членовите на јазичните комисии кои работат на кодификацијата на македонскиот јазик, а Венко Марковски и директно ги споделувал Мисирковите ставови во рамките на работата на јазичните комисии“, рече таа.

Пандев во своето обраќање потсети на научните соочувања со професорот Флорински околу статусот и разговорноста на словенските јазици.

„Флорински истакнува една теза, а тоа е тезата за разговорноста во јазикот. Еден јазик го доживува својот врв кога на него може слободно да се зборува на научни теми. Ѕвоното за узбуна за украинскиот јазик кај Тимофеј Флорински заѕвонило кога на еден собир се зборувало за археологија, со сета онаа би рекле тешка археолошка терминологија што тогаш се јавила одеднаш на украински јазик. Но да го оставиме тоа настрана. Што направил Мисирков? Сето тоа го пренасочил во лингвистиката, една наука што тогаш уште не била зацврстена, бидејќи ќе требаат уште минимум пет години таа да се јави кај Фердинанд де Сосир и уште можеби 25 да се зацврсти во Прашката лингвистичка школа“, рече Пандев.

Професорот Пандев нагласи дека Мисирков достигнал научен врв со своите напредни сфаќања за јазикот.

„Можеби кај него ќе најдеме идеи што можеби по некоја година ќе се најдат во текстовите на Бодуен де Куртене. Но истото се случува и со Шчерба, Лев Шчерба, со кого што Мисирков веројатно седел во иста клупа. Тоа исто се случува и со Љапунов, негов професор. Љапунов имал само двајца студенти по старословенски јазик, од кои што едниот бил Мисирков. Доаѓам до заклучок дека Мисирков подобро го знаел старословенскиот од својот професор, бидејќи неколку пати ја повторувал богословијата и меѓу другото, како што дојдов до еден податок, учествувал во тие таканаречени бесконечни псалмични ноќи кога по цела ноќ се пееле псалмите во Полтава. Што значи тоа? Мисирков одлично ја знаел Кирилометодиевстиката“, посочи Пандев.

Манифестацијата Мисиркови денови е посветена на одбележување на еден век од смртта на Крсте Петков Мисирков во организација на пет национални институти.

Настанот беше заокружен со поставка на најновите изданија на институтите за историја, јазик, фолклор, литература и старословенска култура.