Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, заедно со градоначалникот на турската Општина Есенлер, Мехмет Тевфик Гоксу, вечерва свечено го пуштија во употреба новото декоративно и архитектонско осветлување на Камениот мост. На официјалната церемонија присуствуваа и турскиот амбасадор Алпер Акташ, извршниот директор на Халк Банка, Фатих Шахбаз, како и почесниот конзул Ајдован Адемоски.

Во своето обраќање пред присутните гости и граѓани, скопскиот градоначалник ја нагласи историската и симболичната вредност на мостот за сите генерации.
„Постојат места на кои секогаш им се враќаме, затоа што во нив препознаваме дел од себе. За скопјани, такво место е Камениот мост. Во неговиот камен се врежани векови историја. На него се среќавале генерации, започнувале пријателства и се создавале спомени што траат цел живот. Над Вардар, меѓу двата брега, стои нашата заедничка гордост. Вечерва, таа гордост повторно блеска. Новото осветлување ја истакнува убавината на неговите сводови и му дава посебна величественост во срцето на градот. Уште една причина да застанеме, да погледнеме и да си кажеме колку убаво Скопје имаме. Токму таа убавина сме должни да ја чуваме. Со посветеност, со одговорност и со конкретни дела. Секое обновено обележје е почит кон оние што ни го оставиле и влог за оние што доаѓаат по нас“, изјави Ѓорѓиевски.

Реализацијата на овој инфраструктурен проект произлезе од потпишаниот Протокол за пријателство и соработка меѓу Град Скопје и Општина Есенлер.
„Од договорена соработка до светлина што вечерва ја гледаме сите – така се гради пријателство што остава трага. Камениот мост опстојувал со векови. Нашата задача е да се погрижиме и генерациите по нас да го гледаат со истата љубов и гордост. За Скопје што го носиме во срцето. За Скопје што им го оставаме на нашите деца. Работиме, обновуваме и оставаме дела“, порача Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски упати посебна благодарност до Општина Есенлер и Мехмет Тевфик Гоксу, до Халк Банка и директорот Фатих Шахбаз, како и до почесниот конзул Ајдован Адемоски за целосната поддршка и придонес. Тој нагласи дека со овој проект успешно се испишува уште една значајна страница во пријателските релации меѓу Македонија и Турција.
