Општина Карпош се подготвува за голема роденденска прослава по повод 50 години од своето постоење. Подготовките за утрешниот настан се во полн ек, а сцената и просторот на платото пред Спортскиот центар „Борис Трајковски“ интензивно се уредуваат за најавената музичка вечер.
Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, и директорот на СЦ „Борис Трајковски“, Данијел Апостолоски, потпишаа Меморандум за соработка. Со овој документ институционално се потврдува заедничката посветеност на организирање и реализација на културни, спортски и забавни настани на територијата на општината.
По повод значајниот јубилеј, општинските власти упатија отворена покана до сите граѓани масовно да бидат дел од роденденската прослава.
Музичката програма ќе започне во 20 часот со настапот на групата SEMPRE. По нив, во 21 часот, публиката ќе има можност да ужива во концертот на Кирил Џајковски.
Целиот настан ќе се одржи на отвореното плато пред СЦ „Борис Трајковски“, а организаторите најавуваат вечер исполнета со квалитетна музика, забава и достојно заедничко одбележување на петдеценискиот јубилеј на Карпош.
