Во италијанскиот регион Емилија Ромања и денеска во сила е црвено предупредување поради нов циклон кој доаѓа од Тунис, кој влијае на времето во земјата, јавија италијанските медиуми.
Се верува дека новите дождови би можеле повторно да го подигнат нивото на реките во сериозно поплавеното подрачје. Но, врнежи се предвидуваат и на островот Сицилија, на островот Сардинија и во регионот Пиемонте.
Повеќе од 27.000 луѓе беа евакуирани од своите домови само во провинцијата Равена во Емилија-Ромања, каде ситуацијата и понатаму е особено комплицирана, а има недостиг на вода за пиење и храна во некои региони.
Во лошото време во Емилија Ромања досега има 14 жртви. Претходно месецов во невреме со пороен дожд во истата област животот го загубија две лица.
Извори блиски до италијанската премиерка Џорџа Мелони велат дека таа може предвреме да го прекине учеството на самитот на Г7 и да се врати во Италија поради катастрофата во Емилија-Ромања.
Во регионот четири лица се повредени денеска кога хеликоптер се урна во Белричето ди Луго во провинцијата Равена. Хеликоптерот бил вклучен во операција за обновување на електричната енергија кога се урнал.
Италијанските власти користат хеликоптери за да ги спасат луѓето заробени во нивните домови поради поплавите во Емилија-Ромања и за голем број други операции за помош поради невремето.
Едно лице го загуби животот во лошото време во јужниот регион Калабрија. Таму силниот ветер соборил дрво кое паднало врз човек кој излегол да го шета своето куче.