– Едномесечно новороденче беше по грешка вакцинирано против Ковид-19 во јули, наместо против хепатитис, рече за АФП Зафер Куругол, педијатриски инфектолог на Егејскиот универзитет, кој го набљудува бебето.

Куругол изјавил дека здравствениот работник кој ја дал вакцината во околината на Измир веднаш видел дека згрешил и ги известил здравствените власти. Детето веднаш било пренесено во универзитетската болница Егеј, каде што било прегледано и бил следен срцевиот ритам.

Лекарите го следеле една недела и не откриле никакви негативни последици.

– Бебето ја напушти болницата потполно здраво, како што дојде. Тоа, исто така, немаше несакани ефекти што понекогаш ги имаат возрасните, како што е треска или температура. Мајката продолжи да го дои- изјавил Куругол.

Детето кое денес има четири месеци е здраво и лекарите редовно го прегледуваат. Тестовите покажаа дека тој развил антитела против Ковид-19, додал инфектологот, кој не сакал да каже со која вакцина е вакцинирано детето.

Во моментов во Турција се користат две вакцини, „Фајзер“ и „Коронавак“.

Куругол во изјава рече дека „голем број“ бебиња биле по грешка вакцинирани против ковид во здравствените установи и дека наскоро ќе биде објавена студија за тие случаи.

Турското Министерство за здравство најави административна истрага.