Управата за јавни приходи (УЈП) упати итно предупредување до граѓаните за нов бран лажни СМС-пораки што денеска пристигнуваат на нивните мобилни телефони. Непознати измамници ги испраќаат овие пораки лажно претставувајќи се во име на данската институција, со директна намера да извршат кражба и можна злоупотреба на личните и финансиските податоци на граѓаните.

Спорните СМС-пораки содржат надворешен линк и гласаат со следнава содржина: „Потсетник на УЈП: Статусот на вашата сметка за социјално осигурување е абнормален. Препорачуваме да го решите проблемот што е можно поскоро“. Од УЈП апелираат до сите кои ќе ја добијат ваквата порака воопшто да не го отвораат поставениот линк и во никој случај да не внесуваат лични, банкарски или други чувствителни податоци.

Поради зачестените обиди за фишинг-измами, од институцијата потсетуваат дека какви било информации поврзани со работата и соопштенијата на УЈП граѓаните треба да ги проверуваат исклучиво преку официјалните комуникациски канали. Тоа ги опфаќа официјалната веб-страница на институцијата, е-услугите, како и официјално објавените контакт-адреси и телефонски броеви.

За сите дополнителни прашања или потреби од проверка, граѓаните можат директно да се обратат до Инфо-центарот на телефонскиот број 0800 33 000, на телефонскиот број 02 3253 200 или преку електронската пошта info@ujp.gov.mk. Од УЈП уште еднаш апелираат да не се клика на сомнителни линкови и да не се споделуваат податоци од банкарските сметки, а воедно ги повикуваат сите граѓани да го споделат ова предупредување со своите блиски за да се спречат евентуални злоупотреби.