Министерството за внатрешни работи на својата веб страница ја објави меѓународната потерница по поранешниот висок функционер на ДУИ, Исмет Гури, кој е во бегство.

Кога избегал Гури не е познато, но во петокот полицијаците кои од куќен притвор требало да го вратат во Шутка, откако кривичен совет му го заменил куќниот притвор со затворски, не го нашле на адресата која ја пријавил како живеалиште.

Тоа се случи во петокот попладне, а истиот ден беше распишана потерница по него.

Од институциите нема детали кога Гури од Шутка бил пуштен во куќен притвор и зошто.

Во јули тој беше осомничен и уапсен во акцијата на МВР и Обвинителството, со која 15 лица се сомничат за даночно затајување и злосторничко здружување.

Гури е од Чаир и првостепено е осуден за уништување изборен материјал на локалните избори во 2013 година.

Кога беше уапсен веќе беше разрешен од директорската функција во УЈП и беше близок со групата која се оддели од ДУИ, а потоа и формираше партија на чело со Изет Меџити.