Гeрманските медиуми објавија фотографии на осомничениот Иранец кој специјалците го изнесоа од стан полн со смртоносни материи.

Во текот на ноќта бил претресен станот на 32-годишен маж во градот Кастроп-Рауксел. Осомничениот е приведен, како и уште едно лице, соопштија државниот правобранител и полицијата, пренесува Дојче веле. Засега не е јасно во која фаза биле плановите за нападот и дали веќе била избрана цел. Како мотив се наведува исламизмот. Германските медиуми јавуваат дека второто приведено лице е неговиот брат.

Според весникот „Билд“, во полициската акција како експерти во борбата против биолошките и хемиските закани учествувале вработени во Институтот Роберт Кох. Имаше и службеници на Федералната канцеларија за криминалистичка истрага (БКА) и експерти за деактивирање експлозиви. БКА не сакаше да коментира за операцијата и ги упати медиумите до државното правобранителство.

 

Полицијата упаднала во станот околу полноќ. Полицијата, пожарникарите и спасувачите биле на терен со голем број луѓе. Многу членови на итната помош носеле заштитни одела. Доказниот материјал собран при претресот е однесен во сини пластични буриња на местото за деконтаминација што го утврдиле пожарникарите.

Осомничениот дозволил да биде приведен без да дава отпор.

„Обвинетиот е осомничен дека подготвувал тешко дело на насилство опасно за државата“, велат истражителите и додаваат дека претресот на станот бил неопходен за да се пронајдат отрови и други докази.

32-годишниот Иранец и другиот приведен маж биле однесени во долна облека и маица со кратки ракави или со импровизирана јакна на себе, јавуваат очевидци.

Централната канцеларија за борба против тероризмот на Северна Рајна-Вестфалија при Државното обвинителство во Дизелдорф е одговорна за постапката во овој случај. Според медиумите, Федералното биро за криминал со денови ги следeла Иранците. Се наведува дека Германците за планираниот напад биле предупредени од пријателска тајна служба.