Бројни јавни објекти низ градовите во Македонија вечерва се осветлени во зелена боја во знак на солидарност со донорите и со примателите на органи, ткива и клетки, по повод одбележувањето на Европскиот ден на донирањето органи, ткива и клетки за 2026 година.

Во оваа национална иницијатива активно се вклучија поголем број општини од различни градови низ државата, како и владини и општествени институции. Преку симболичното зелено осветлување на објектите се упатува силна јавна порака за надеж, човечност, хуманост и важноста на можноста за спасување човечки животи.

Министерството за здравство изрази благодарност до сите институции и субјекти кои ја поддржаа оваа иницијатива, нагласувајќи дека овој симболичен гест служи за значајно подигнување на свеста кај граѓаните за суштинската улога што ја имаат органодарителството и медицинските трансплантации во зачувувањето на животите.